Таткото на убиената Вања Ѓорчевска, уште еднаш во судница, одговарајќи на прашања на обвинителството, појасни зошто помислил дека ќерка му е киднапирана. -Уште во 7.47 часот заедно со Зорица заклучивме дека Вања е киднапирана, бидејќи телефонот и беше исклучен, а таа нагло скршнала од рутата на движење. Таа самата не би го направила тоа, по своја волја, затоа и тогаш пријавивме во полиција, рече Ѓорчевски. Тој појасни дека и во групата на родители од училиштето се создал сомнеж дека Вања е киднапирана, иако во судница полициски инспектор тврдел дека само нему, на Ѓорчевски, тоа му паднало на ум. -Осетив дека полицајците веднаш се сомневаа во мене. Не прашуваа за имотот, им беше чудно што Зорица ми префрлила стан…, сведочеше Ѓорчевски. Обвинителката го праша како од сите снимки, од толку многу возила, нему во очи му паднало само едно старо возило, ,,цитрорн”,кое испушта црн чад. Таа потенцираше дека од снимките се гледало дека исто чадат сите возила.
-Не знам колку скриншота испративме во Сејф сити. Меѓу нив беше и тоа возило. Имаше одблесок на хаубата како да е замрзната, се движеше побавно од другите, прозорците беа замаглани, времето се совпаѓаше со губењето на сигналот на телефонот. И покрај снимките од тоа возило, најмногу се сомневавме и на едно бело комбе, рече Ѓорчевски. Тој додаде доколку во Сејф сити веднаш се внеле табличките на возилото на Панче Жежовски, кој бил пријавен за исчезнат, денеска во судница ќе се расправало само за неговото убиство. Заклучи дека се работи за пропуст на МВР. Тој уште еднаш појасни и зошто тргнал кон граничниот премин Блаце, а потоа наеднаш решил да се врати. -Откако ја завршивме потрагата по болниците, најблиските премини се Блаце и излезот од Скопје кај Ѓорче Петров. Јас се јавив кај пријатели кои ми потврдија, дека детално ќе се прегледуваат сите возила на граничните премини, од тие причини, веднаш штом го поминав мостот кај Александар Палас и наидов на гужва во сообраќајот, решив да свртам полукружно и да се упатам кон Ѓорче Петров.
И ако може да ве замолам, вие ги имате сите инструменти како обвинител, денес можете да дадете наредба до камерите од безбеден град како што разбрав тука од ваш сведок, со самото внесување на регистарската табличка ќе ги донесе објективно и интегрално целото мое движење една недела пред и после настанот, а не парцијално да извадите снимка тука како се движат јас преку мостот Александар Палас, зошто не ја продолживте снимката уште 10 секунди каде се гледа како веднаш се враќам назад, рече Ѓорчевски. Судењето е во тек. Таткото на Вања е обвинет за помагање на киднапирање на неговата ќерка, бидејќи наводно му кажал на Љупчо Палевски Палчо кое време оди на училиште. За ова во истрагата сведочеа двајца од останатите обвинети, дека Ѓорчевски и Палевски имале комуникација, кои потоа се предомислија и посочија дека така кажале поради ќотек во полиција и притвор.