Си велам дали јас направив се во мојата 55-годишна музичка кариера, а всушност јас како да сакам уште да пеам, уште да се докажувам, уште да ги хранам моите фанови со убави издржани песни, за ,,Фокус” раскажува фолк пејачот Перо Христов, кој годинава ја доби наградата за животно дело на популарната забавна манифестација Златна бубамара на популарноста. Вели дека признанието кое го добил во својата осма деценија од животот, му го наполнило срцето, но и го изненадило. Се потсетил на минатото и на музичките почетоци, а изминатиот период постојано имал предчувство дека ќе добие некаква награда или признание за досегашните музички достигнувања.
-Далечната 70-та година од минатиот век, како голобрадо момче почнав да пеам на Скопските фестивали со најголемите Ју ѕвезди, и после неколку години успеав дури и да се носам со нив во музичките води. Забавната музика ми беше во длабочината на мојата душа, до толку многу, што и до ден денешен уште ја чувствувам. Но, времето-време носи. Со појавата на фестивалите Валандово, Цветници, Филиграни, Трубадури и други, се преселив во убавата македонска песна, и мислам дека не погрешив! Успешно почнав со ,,Во црно вино утеха нема”, а потоа се редеа и редеа безброј песни, убави македонски новосоздадени песни, каде што иако сум скромен човек по природа, ама јас сам на себе си бев лектор или режисер на моите постапки во народната музика, раскажува Христов. Додава дека по трите негови успешни концерти одржани во Струмица и во Скопје, се уверил дека има огромен број на обожаватели, дека народот сака да ги слуша песните во негова интерпретација. -Претчувствував дека редно е да добијам некоја награда на државно ниво, но не токму онаа која за мене е најголема, односно наградата за ,,Животно дело”. Пред десетина дена бев во Америка и Ранко Бубамара ми се јави да каже ми дека сум предложен да добијам една од најголемите награди на популарноста ,,Животно дело,,. Ме изненади пријатно и го примив тоа со големо задоволство. Па крај на крај, да се занимаваш цели 55 години со музичка уметност и да се носиш со колегите толку години, мислам дека наградата ми дојде во вистинско време. Срцето ми е полно, иако уште пеам активно по целиот свет, пак ќе се вратам на мојата најголема промоција и книга ,,Перо Христов- трајна вредност”, вели пејачот. Пред четири месеци во Струмица тој одржа концерт по повод 55 години на сцената. Освен наградата на Златна бубамара на популарноста, лани во ноември доби награда за животно дело и на фестивалот ,,Прилеп фест”.