По пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во јавноста се отвори дискусија околу (не)почитувањето на законските одредби и стандарди за безбедноста, особено во делот на заштитата од пожари. Во тие рамки, се отвори и прашањето дали државните институции и јавните органи внимаваат на запазувањето на овие стандарди, дали доволно набавуваат ПП опрема и колку таа соодветно се сервисира. Како може да се сервисираат ПП апарати во јавни објекти за нецел денар, па дури има пример каде тоа се прави и за нула денари, кога само картончето чини повеќе? Тендерските постапки за ангажирање фирми за сервисирање ПП апарати и друга противпожарна опрема во државните институции и во јавните установи често завршуваат со договори, кои се неколкукратно пониски од проценетата вредност на набавката, пишува новиот број на неделникот „Фокус“. Според проверките што ги извршивме, во овој сегмент доминираат неколку компании, кои нудат цени и од нецел денар за сервисирање на ПП апарат во министерствата, општините, училиштата, градинките, болниците, а пронајдовме пример каде што оваа услуга чини, ни повеќе ни помалку, туку нула денари.
Во контекст на тоа дека се склучуваат договори за сервисирање на ПП апарати во вредност далеку пониска од проценетата вредност на тендерите, а тоа претставува основа и за поништување на постапката, треба да се спомене договорот што во 2022 година го склучи Фондот за здравствено осигурување со компанијата „Сигурност-ДП“, кој се однесувал за одржување и набавки на нови ПП апарати. Имено, проценетата вредност на набавката била 236.000 денари, додека вредноста на склучениот договор изнесувала 59.000 денари. Според техничката спецификација, се работи за одржување на постојните 173 ПП апарати и набавка на 10 нови, плус мерења. „Сервисирањето и одржувањето на ПП апарати опфаќа комплетен преглед на општата состојба на апаратот од аспект на корозија и оштететување, односно редовен сервисен преглед, атест бојадисување, како и санација на оштетени делови и замена на неисправни делови (дихтон, капа затворач, вентил, манометар, црево, млазница) со оригинални делови соодветни на типот на апарат, како и полнење на апаратот, промена на контролен картон…“, стои во техничката спецификација.
Таков низок договор, далеку понизок од проценетата вредност, е оној на битолскиот универзитет „Свети Климент Охридски“, кој ланската 2024 година склучи 6 договори со „Сигурност-ДП и со уште една фирма – „Хелиум Нова Сервис“, за сервисен преглед и резервни делови на ПП апарати и други обврски околу хидранти и противпожарни системи. Вкупната вредност на договорите била 40.957 денари, а проценетата вредност на набавката изнесувала цели 472.000 денари. Со истите 2 компании, на почетокот на годинава, 3 договори склучи и прилепската градинка „Наша иднина“, чија вкупна вредност е 189.484 денари, додека проценетата вредност на тендерот била 519.200 денари. Патем, понудата на „Хелиум Нова Сервис“ открива дека по 50 денари од парче чини контролно испитување на ПП апарат, а по 5 денари чини испитување на рачен апарат, зависно од видовите (без ДДВ).
Уште еден од низата на ниски цени за сервисирање на ПП опрема е и договорот што лани го склучи Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје со „Сигурност-ДП“ за сервисирање, полнење и атестирање на ПП апарати, мерење и одржување на громобранска и хидрантска инсталација и обука на вработени со ПП апарати, кој изнесува 5.898 денари, додека проценетата вредност била дури 483.800 денари. Конкретно, сервисирањето било 13 денари, 17 денари или 23 денари од парче, зависи од видот на апаратот, а испитувањето 20, односно 306 денари. Инаку, меѓу највисоките договори во овој сегмент е оној меѓу Јавна установа од областа на здравството за потребите на јавните здравствени и „Сигурност-ДП“, склучен во 2023 година за сервис на ПП апарати, систем за дојава на пожар и видеонадзор во износ од 5.074.000 денари. Сепак, и овој договор содржи багателни цени. Во делот на редовно годишно сервисирање се предвидува 0,28 денари по парче, освен за С9 или еквивалентен, кој, пак, е 1.120 денари, а во делот на редовно годишно одржување во системите за дојава доминира цената од 0,90 денари на месечно ниво.
Арно ама, ако овие цени изгледаат ниски, тогаш успеавме да пронајдеме случај каде што сервисирањето еден апарат чинело нула денари! Се работи за тендер во чии рамки Агенција за разузнавање лани склучила договори со „Хелиум“ и со „Сигурност-ДП“ за одржување и сервисирање на ПП апарати од 14.868 денари, односно 2.537 денари, или вкупно 17.405 денари, а проценетата вредност на набавката е 141.600 денари. Притоа, ептен боде очи фактот што АР и „Сигурност-ДП“ склучиле договор, кој за сервисен преглед на ПП апарати и други прегледи предвидува нула денари?! Што се однесува до полнење на ПП апаратите, во тие ставки цената е 86 денари или повеќе, а за набавка на 2 апарати договорена е цена од околу 10 илјади денари. Во таква ситуација, се поставува прашањето дали оваа услуга се вршела соодветно и дали се вршела воопшто, бидејќи, според упатените во оваа проблематика, за еден денар не можат да го набават ниту картончето, а камоли да ги покријат другите трошоци. Марија Кукуновска, која дејствува и работи во секторот за здравје и безбедност при работа, во изјава за „Фокус“ вели дека кај нас најзастапени типови на ПП апарати се С-9 и Цо2-5, а реален пазарен трошок на ПП апарати е 600 денари за сервис за еден ПП апарат тип С-9 доколку, како што вели, се сервисира според пропишаните законски регулативи за извршување.
-Цена на едно картонче за ПП апарат е 1-2 денари во зависност од количеството. Исто така, според пропишаните законски нормативи, ПП апарати постари од 20 години треба да се исфрлат надвор од употреба, а истите на тие тендерски постапки се сервисираат – вели Кукуновска. Таа посочува дека надлежна за контрола на работата на компаниите што вршат сервисни услуги е Дирекцијата за заштита и спасување, како институција од каде што истите компании добиваат овластување за работа и, исто така, лицата што вршат сервис на ПП апарати добиваат овластувања и полагаат стручен испит.
–За една фирма да извршува дејност заштита од пожари, потребно е да има овластувања за работа од институција. Според тоа, вината е поделена на оние што ја извршуваат услугата и оние што треба да ја контролираат работата на извршената услуга – вели Кукуновска на прашањето дали ако во некоја институција има несреќа како во Кочани, виновна ќе биде само фирмата или ќе се лоцира и институционална вина? Според неа, треба да има унифицирање на цените за сервис, според типот на ПП апарати (килограми и агенси за гаснење). Како што истакнува, проблемот е системски и повлекува многу институции, кои би требало да се вклучат во решавање на истото сè до поставување здрави, логички и реални критериуми. „Фокус“ се обрати до „Сигурност-ДП“ и до другите споменати компании, меѓутоа до затворањето на овој број на весникот не добивме одговор на прашањето што точно опфаќа процесот на сервисирање и контрола на ПП апарати, односно какви обврски имаат и која е економската логика и смисла да испочаруваат ваква услуга за исклучително ниска цена? Ниту од ДЗС не добивме одговор на прашањето дали вршат проверка како ангажираните компании вршат сервис на ПП апаратите, како и колку оваа ПП опрема е исправна и функционална? Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Влатко СТОЈАНОВСКИ