Koj плаќа за сината ознака на платформата X (порано Твитер) denes? Според нов извештај од непрофитната организација „Проект за транспарентност на технологијата“ (TTP), одговорот е: многу терористи. Истрагата на TTP откри дека повеќе од 200 корисници на X, вклучувајќи лица поврзани со Ал-Каеда, Хезболах, Хамас, бунтовниците Хути и разни милиции од Сирија и Ирак, сите од кои се означени како странски терористички организации (FTO) од страна на американската влада, плаќаат претплатнички такси за премиум услуги на платформата предводена од Елон Маск. Едноставно кажано, Маск работи со луѓе поврзани со терористички групи, што уште еднаш открива сериозни недостатоци во политиката за модерирање на содржината на X.
Претплатите им обезбедуваат на терористичките корисници сина ознака за верификација, што им дава на нивните сметки изглед на легитимитет, но и пристап до моќни алатки: можност за монетизација на содржината, објавување подолги објави и видеа и зголемување на досегот на објавите. „Покрај тоа што сакаат престиж на сината ознака, нивните претплати се користат за ширење долги пропагандни пораки и видеа“, изјави Кејти Пол, директорка на TTP, за „Њујорк тајмс“. „Користењето на премиум услуги значително го олеснува дистрибуирањето и монетизацијата на пропагандата, како и промоцијата на кампањи за собирање средства.“
Според правилата на X, корисниците не смеат да купуваат премиум услуги ако се поврзани со организации кои се предмет на економски санкции од САД, вклучувајќи ги и оние што ги надгледува Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) на Министерството за финансии на САД. Ни X ниту Министерството за финансии не одговорија на барањата од NYT. Иако X тврди дека спроведува ревизии на сметки за да ја потврди подобноста, бидејќи Маск ја направи ознаката достапна за секој што плаќа, тој систем повеќе не функционира. Минатата година, слична истрага од страна на TTP откри повеќе од дваесетина корисници поврзани со тероризам кои имале сини ознаки. Некои беа суспендирани или нивните ознаки беа отстранети по објавувањето на извештајот, но неколкумина оттогаш повторно добија пристап до премиум опции, истакнува The New York Times