Законот за данок на солидарност беше донесен од Собранието на 19 септември 2023 година и ги опфати компаниите што во 2022 година оствариле вкупен приход поголем од 10 милиони евра и профит поголем за 20 отсто од просекот во претходните три години и тој износ им се оданочи со стапка од 30 отсто. Министерството за финансии разгледува повеќе варијанти за начинот на кој на компаниите ќе им бидат враќани парите што ги дадоа за солидарниот данок, дознава „Слободен печат“. Откако Уставниот суд го поништи законот, државата ќе треба да им врати 49 милиони евра на 156 компании во следните 5 години. Пред две години, тие ја платија еднократната давачка, а парите се искористија за антикризни мерки. Највисоката сума што ја плати само една компанија е 4,2 милиони евра, а најниската 640 евра од мала фирма. Законот за данок на солидарност беше донесен од Собранието на 19 септември 2023 година и ги опфати компаниите кои во 2022 година оствариле вкупен приход поголем од 10 милиони евра и профит поголем за 20 отсто од просекот во претходните три години и тој износ им се оданочи со стапка од 30 отсто. Стопанската комора на Северна Македонија пред Уставниот суд поднесе иницијатива за оспорување на данокот.
– Ве информираме дека Министерството за финансии ќе ги сервисира обврските во согласност со донесената одлука од Уставниот суд и средствата што ги уплатија компаниите по основ на Законот за данок на солидарност ќе бидат вратени. Во комуникација сме со компаниите за да најдеме заеднички начини за сервисирање на настанатите обврски по Буџетот. Се разгледуваат повеќе варијанти, а кога ќе биде утврден начинот на кој ќе се вратат парите кон компаниите, ќе биде соопштено во јавноста – велат од МФ за нашиот весник. Премиерот Христијан Мицкоски, во јануари годинава рече дека одлуките на Уставниот суд не се коментираат, туку се спроведуваат и ако Судот донесе одлука да се вратат 50-те милиони евра од солидарниот данок, ќе бидат вратени. Тој најави и можна кривична одговорност за креаторите на оваа политика.
– Ние враќаме многу работи што ги задолжиле претходните. Многупати сум рекол дека нема да ги коментирам одлуките на Уставниот суд. Ако донесат таква одлука, мора да ги вратиме тие пари, нема што да правиме, ќе скратиме од нешто друго и ќе направиме ребаланс. Воедно ќе ја разгледаме и можноста за кривична одговорност на тие што донесоа одлука на ваков начин да се води економијата, затоа што де факто Буџетот е оштетен – рече Мицкоски. Во февруари, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ги информираше компаниите од Стопанската комора на Македонија дека исплатата на парите ќе биде голем товар за буџетот, но средствата ќе им бидат вратени во рок пократок од 5 години. Од „Макстил“, компанијата што плати највисок износ на солидарен данок – 4,2 милиони евра, веќе најавија дека ќе си ги бараат парите назад, но дека се подготвени да преговараат за динамиката на враќање. Најверојатно ќе се откажат од каматите што им следуваат.
– Според законските можности и рокови, „Макстил“ ќе го почне процесот за барање за поврат на средствата исплатени за солидарниот данок. Дополнително сме подготвени да ги договориме со Владата и Министерството за финансии, динамиката и точниот модалитет на враќање на средствата. Сметаме дека секоја одлука што излегува надвор од законските рамки, како што беше случајот со солидарниот данок, има значителни последици врз финансиската стабилност и буџетските политики, како и врз довербата на компаниите во институциите – велат од компанијата. Подготвеност за разговори за утврдување на динамиката и начинот на враќање на парите изразија и други фирми, членки на Комората. Стопанската комора ја поздрави Одлуката на уставниот суд
Одлуката на Уставниот суд за поништување на Законот за данок на солидарност беше дочекана со поддршка од страна на бизнис-заедницата, која ја препозна како потврда за значењето на правната сигурност и предвидливоста на деловниот амбиент.
– Стопанската комора од самиот почеток јасно и аргументирано укажуваше дека ваквото законско решение, особено со неговата ретроактивна примена за фискалната 2022 година, носи сериозен ризик за правната сигурност и стабилноста на деловното опкружување – порача Ирена Јакимовска, директор на „Комфи Ангел“ од Прилеп. Преку Клуб 100, Управниот и Надзорниот одбор, Собранието на Комората, Советот на странски инвеститори и други бизнис-асоцијации, Комората институционално настапи против Законот, истакнувајќи дека селективното и ретроактивно оданочување не е соодветен механизам за економско регулирање.