Изборот на фирми од Обединетото Кралство што ќе ги градат брзата пруга од Табановце до Гевгелија и неколкуте болници ќе се прави врз основа на Законот за јавни набавки, кој има јасни одредби што се случува при вакви договори „влада со влада“, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Тоа, додава таа, значи дека нема да има само една, туку повеќе понуди.
Кочоска: Си има точно, во членот си е дефинирано дека мора да има понуди, повеќе понуди. Не може да биде само една, треба да се неколку понуди, да се избере најповолната. И не е дека ќе бидат само британски компании и дека нема да бидат ангажирани македонски компании. Премногу е рано за да ги додефинираме сите овие работи, премиерот јасно кажа на прес-конференција дека ќе има и македонски компании. Точно е дека дел ќе бидат британски компании кои ќе ангажираат подизведувачи. Кажав дека мора да има повеќе понуди, не може да биде само една понуда и ќе се избере најповолната. Не е ова нешто непознато.
360°: Се спомнува 70 отсто локална компонента. Така вели премиерот, вие велите да почекаме да видиме што ќе биде договорот. Но, прашањето е – дали тие 70 отсто, да ги сведеме на пари, ќе бидат делени на транспарентен и компетитивен начин?
Кочоска: Ова не е прашање за мене како министер за финансии. Јас можам да кажам дека не можеме да одиме и да преговараме со една компанија, туку јасен е Законот за јавни набавки. Јас сум министер за финансии кој има задача да посочи, јасен е Законот за јавни набавки кој не ги исклучува ваквите договори „влада со влада“. Си има точно пропишани правила што треба да се почитуваат. Во однос на тоа како понатаму, одговори треба да даде министерот за транспорт. Димитриеска-Кочоска тврди дека договорите ќе бидат јавни и дека нема да има авансно плаќање.
„Парите ќе ги влечеме така како што ќе реализираме. Пет години ние ќе повлекуваме средства на кој начин – изградиле еден дел, фактурираат, користиме средства од банката, плаќаме. И тоа ќе трае пет години, барем така беше првично најавено. Затоа, велам, да не зборуваме однапред, да ги додефинираме работите. Ќе имаме грејс-период, тоа е периодот на изведба. Периодот на отплата кога ние ќе почнеме да ги враќаме средствата е кога пругата ќе почне да генерира приходи“, додава министерката.
извор и фото: 360степени.мк