Европската Унија останува со Северна Македонија на патот кон целосното интегрирање, порача денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедност, Каја Калас на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Скопје. Високата претставничка истакна дека разговарале за повеќе теми, при што потенцира дека земјава е првиот корисник во регионот на она што го нуди Планот за раст на Западен Балкан, но и прва држава, која го потпишала Партнерството за безбедност и одбрана со ЕУ. Нагласи дека на средбата меѓу другото се разговарало за напредокот на македонската економија и истакна дека тој процес е од големо значење и за самата Унија.
– Вие, подобро од кој било знаете дека патот до членството не е лесен и мојата порака денеска е да останете на тој пат, да ги преземете чекорите потребни за отворање на пристапните преговори. Тоа исто така ќе значи дека ЕУ на Северна Македонија ќе и дава уште поголема поддршка, без разлика дали станува збор за владеењето на правото, борбата против корупцијата или модернизирањето на јавната администрација, нагласи Калас. Таа додаде дека од искуство знаат дека напредокот може да биде брз доколку има политичка волја, а како добар пример за тоа ги посочи Албанија и Црна Гора. – Секако Северна Македонија се соочува со носење избор за своите граѓани и за иднината. Веруваме дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е најдобриот рецепт за мир и безбедност во целиот регион. Затоа ајде да се придвижиме заедно и тука сакам да ве уверам дека ЕУ останува покрај вас, порача Калас.