Александар Камбовски, претседател на Судскиот совет, смета дека не може да се зборува за независно судство, ако се уште финансирањето оди преку извршната власт односно Владата. Според него, тоа е основата, бидејќи судовите не се само зградите, туку тие треба да се опремени, а работи персонал кој опслужува и треба да биде платен.
„Моментално се соочуваме со катастрофален недостиг на кадри. И судиите, кои што се, прават вонредни напори да бидат ефикасни“, рече Камбвоски. Особено алармантен, како што дополни, е фактот дека околу 200 вработени во судовите остануваат без продолжени договори.
-Имавме околу 200 луѓе на ниво на цела држава кои што имаа до 31 март договори на неопределено време. Меѓутоа, до денеска не им се продолжени договорите, ниту се објавени нови огласи. За секое вработување мораме да добиеме согласност од Министерството за финансии. Ако навистина сакаме финансиска независност, тогаш судството не треба да зависи од вакви одобренија, кои некогаш не ни ги добиваме, посочи тој.
Информираше и дека изборот за нов претседател на Врховниот суд е при крај и се очекува наскоро да биде ставен на дневен ред на некоја од наредните седници на Судскиот совет. Потребата од суштински реформи, поголема ефикасност на судските постапки и унапредување на судската автономија беа во фокусот на судиската конференција „Зајакнување на судската независност и одговорност преку поголема ефикасност на постапките“, организирана од Здружението на судии на РСМ со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.