Александар Камбовски, претседател на Судскиот совет, смета дека не може да се зборува за независно судство, ако се уште финансирањето оди преку извршната власт односно Владата. Според него, тоа е основата, бидејќи судовите не се само зградите, туку тие треба да се опремени, а работи персонал кој опслужува и треба да биде платен. „Моментално се соочуваме со катастрофален недостиг на кадри. И судиите, кои што се, прават вонредни напори да бидат ефикасни“, рече Камбвоски.
Информираше и дека изборот за нов претседател на Врховниот суд е при крај и се очекува наскоро да биде ставен на дневен ред на некоја од наредните седници на Судскиот совет. Потребата од суштински реформи, поголема ефикасност на судските постапки и унапредување на судската автономија беа во фокусот на судиската конференција „Зајакнување на судската независност и одговорност преку поголема ефикасност на постапките“, организирана од Здружението на судии на РСМ со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.