Најновото Европско веб истражување за дроги покажува дека канабисот е најчесто користена дрога во Македонија. CBD производите и кокаинот, исто така, се високо застапени, а вознемирува фактот што многу малку корисници бараат помош или третман. Канабисот бил најчесто користената дрога во Македонија во 2024 година според резултатите од Европското веб-истражување за употреба на дроги (EWSD) на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Речиси секој трет испитаник (32 отсто) одговорил дека користел канабис во последните 12 месеци, а по него следат бензодиазепините (26 отсто) и CBD производите со ниско ниво на THC (25 отсто). Кокаинот го користеле 18,4 отсто од учесниците во истражувањето, а екстази/МДМА — 9,3 отсто. Истражувањето опфатило 862 испитаници, главно од возрасните групи од 25 до 44 години. Повеќето испитаници (57 отсто) имале завршено високо образование, 70 отсто биле вработени со полно работно време, а 88,4 отсто живееле во град, од кои половината во Скопје. Повеќе од половина живееле со примања под просечната плата.

Речиси една четвртина од испитаниците користеле производи со CBD и/или со ниско ниво на THC, најчесто во форма на сушена билка (58,8 отсто), цигари или џоинт (55 отсто) и масла (40 отсто). Како главна мотивација се наведуваат намалување на стресот (65,4 отсто), подобрување на спиењето (56,8 отсто), справување со депресија и анксиозност (45,7 отсто) и социјализација (39,5 отсто). На модулот за канабис одговориле 225 лица, а најчестата возраст за прва употреба е 16 години. Дури 91,7 отсто користеле недозволени производи, а 9,7 отсто го добиле канабисот легално во земји каде што е дозволен. Типичното место за употреба било домот (72,7 отсто), проследено со природа и јавни простори. Вознемирувачки е фактот што 53 отсто од корисниците на канабис признале дека управувале возило во рок од четири часа по употреба. Повеќе од половина не пријавиле несакани здравствени ефекти, но дел од корисниците искусиле проблеми со меморијата, анксиозност, паника и промени во телесната тежина.
Кокаинот го користеле 18,4 отсто од испитаниците, а 91,4 отсто од нив користеле кокаин во прав. Најчесто причината за користење била социјализација, проследено со зголемување на расположението, спротивставување на ефектите од алкохолот и релаксација. Кокаинот се користел најмногу во клубови и барови, дома и на фестивали. Скоро сите корисници го консумирале кокаинот преку шмркање. Ова истражување се спроведува во 24 земји членки на ЕУ. Еден од најзагрижувачките аспекти во сите региони, како што се наведува во соопштението од ИЈЗ, е нискиот процент на испитаници кои бараат третман за употреба на дрога. Само 1.5 отсто од испитаниците пријавиле дека побарале професионална помош и биле на третман во последните 12 месеци. „Ова укажува на значителен јаз помеѓу потребата за интервенција и пристапноста или подготвеноста да се побара помош. Во сите региони, дрогата за која најголем дел од испитаниците побарале третман е канабисот, а потоа кокаинот и опиоидите“, наведено е во истражувањето. Европското веб истражување за дроги – European Web Survey on Drugs (EWSD) е истражувачка иницијатива координирана од Агенцијата за дроги на Европската унија – European Union Drugs Agency (EUDA), спроведена низ Европа за прв пат во 2016 година. Во делот на препораки, наведено е дека е потребно да се зајакне превенцијата и едукацијата, да се прошират услугите за намалување на штетите, да се зајакнат кампањите за подигање на јавната свест за ризиците од возење под дејство на канабис и други супстанции (имајќи предвид дека 53 отсто од корисниците на канабис го признале ова однесување), а потребно е и да се подобрат услугите за третман и поддршка како и да се регулира и следи пазарот на дроги. Извор: Новинска агенција МЕТА