Раперот и дизајнер Канје Вест се врати на социјалните мрежи само неколку дена откако го избриша својот профил на социјалната мрежа, по четиридневната серија на објави кои содржеа расистички, антисемитски, мизогини и афрофобични изјави. Овој пат, славниот рапер се пожали на третманот кој го добил во врска со доделувањето на наградите Греми. Имено, тој тврди дека тој и неговата сопруга Бјанка Ценсори првично останале без билети за церемонијата, иако бил номиниран и подготвен да се бори за место на црвениот тепих. „Како можеа да ме номинираат за Греми, а потоа да не ми дадат билети? А тогаш сите се налутија кога јас пукнав“, напиша тој на Икс во саботата во сега избришаната објава, објавија американските медиуми. Канје Вест понатаму објаснува дека морал да се бори цели пет часа и да контактира со речиси сите што ги познавал за да обезбеди влезници.
„На крајот ми дадоа билети, но само за црвениот тепих. Тогаш сè уште го немав започнато својот испад“, додал раперот. Канје Вест беше номиниран за најдобра рап песна за неговата соработка со Тај Дола Сајн на песната „Carnival“, но наградата на крајот отиде во рацете на Кендрик Ламар за песната „Not Like Us“. Иако доделувањето го напушти без награда, Вест успеа да создаде бура од внимание поради начинот на кој ја претстави својата сопруга на црвениот тепих. Додека позираа пред камерите, Бјанка Ценсори во еден момент го соблече капутот и откри проѕирен фустан под кој не носеше ниту долна облека, ниту градник. Овој неочекуван потег предизвика гласни реакции кај фотографите и минувачите. Недолго потоа, двојката влезе во автомобилот кој ги чекаше и го напушти настанот.