Изјавата на претседателот на Европскиот совет е прецизна и кога станува збор за тоа како Македонија треба да го продолжи европскиот пат, тој јасно кажа дека тоа што е договорено, ние како држава имаме обврска да го испорачаме, истакна заменичката претседателка на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фани Каранфилова Пановска, во вчерашната емисија 24 Анализа, на телевизијата 24. Во дебатата Каранфилова Пановска посочи дека денешната посета на претседателот на Европскиот совет е уште еден индикатор дека Европската Унија навистина вложува напори и праќа сигнали дека Македонија треба да се придвижи на патот кон европската интеграција.
„Изјавата на г-динот Кошта беше прилично прецизна, би рекла и прилично доследна на она што беа и претходни изјави од високи претставници на Европската Унија. Тој кажа дека тоа што е договорено е договорено и дека сега ние имаме обврска да испорачаме по договореното. Ако се контекстуализира наративот, може да се прочита дека практично тоа што е договорено со Преговарачката рамка го утврдува патот, но воедно ги утврдува и гаранциите“, рече Каранфилова Пановска. Во дебатата, Каранфилова Пановска посочи дека премиерот Мицкоски со својата денешна изјава покажува дека владејачкото мнозинство нема намера да го одблокира евроинтеграцискиот процес. Таа нагласи дека европскиот пат е блокиран, додавајќи дека СДСМ ќе го поддржи сè она што ќе значи подобра преговарачка позиција.
„Ние сите овие месеци наназад повторуваме и кажуваме дека апсолутно стоиме зад поддршка на сè она што Владата ќе успее да го обезбеди како подобра преговарачка позиција во овој процес. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ќе поддржи било каков предлог во таа насока, но тоа што е реалност е дека такво нешто не се случува“, рече Каранфилова Пановска. Притоа, Каранфилова Пановска посочи дека СДСМ во својот владин мандат секогаш упатувала покани до ВМРО-ДПМНЕ како опозиција за вклучување во ЕУ процесот. Таа додаде дека кога се во прашање стратешките интереси на државата и граѓаните, треба да има заеднички дијалог.
„Во 2021 година, на иницијатива на тогашната опозиција ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ во Собранието како владејачко мнозинство ја поддржа резолуцијата со којашто исто така беа дефинирани црвените линии. Апсолутно се неоправдани обвинувањата дека на тогашната опозиција не ѝ било дозволено да биде дел од процесот. Би било нефер да се каже дека СДСМ продолжил со евроинтеграциите, загрозувајќи го или ризикувајќи го идентитетот. Македонскиот идентитет денеска е признаен и заштитен“, рече Каранфилова Пановска, додавајќи дека СДСМ и сега како опозиција подава рака, во интерес на граѓаните и напредокот на државата, овој процес да се води заеднички. Покрај автопатот и брзата траса кон ЕУ по којашто неминовно ќе се движат и Албанија и Црна Гора, веројатно и Молдавија, нам ни отвора прашања како држава и како граѓани со која гордост и со која перспектива ќе одиме пред нашите млади генерации, потенцираше Каранфилова Пановска во дебатата на 24 Телевизија.