Трки со автомобили по булеварот Партизански одреди во ноќните часови, возење со недозволена брзина преку ден, дивеење на дел од моторџиите, непочитување на сообраќајни возила и прописи, сето тоа ја намалува безбедноста во сообраќајот, за што сведочат и неколкуте сообраќајни несреќи на овој булевар во последниот период. Недозволено паркирање, прекумерна бучава од градилиштата и кафулињата, диви депонии, палење отпад, недоволна безбедност на улиците во близина на некои училишта и градинки, узурпирани тротоари и велосипедски патеки се дел од проблемите со кои секојдневно се соочуваат граѓаните на главниот град.
За сите овие теми од значење на граѓаните, особено за проблемите со кои се соочуваат жителите на општина Карпош, советничките од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“, одговори и совети побарале во СВР Скопје. Како што велат од граѓанската иницијатива, информациите кои ги добиле говорат дека има недостиг на полициски службеници, посебно на „теренските“ и дека полициските станици работат со 30 – 40 отсто од потребниот капацитет. Во однос на безбедноста во сообраќајот ни беше кажано да се пријавува во моментот секое дивеење по улиците (посебно ја нагласивме Партизанска) на дежурните броеви, и дека полицијата веднаш ќе реагира, но не може да обезбеди континуирана контрола поради недостиг на луѓе. Системот на камери сѐ уште не функционира во целост и засега тоа не е опција преку која би можело да се казнат прекршителите – велат од Иницијативата.
Истото се однесува и на дивите депонии, чие создавање и спалување е казниво. Од полицијата советувале дека е пожелно секој кој е сведок на такво дело да направи снимки, кои во таков случај можат да се користат како доказ, што не е случај за сообраќајните прекршоци. Што се однесува до комуналните прекршоци, исто така, потребно е да има полицаец на „лице место“ за да биде изречена казна за делото. За ова, како што тврдат од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“, ќе инсистираат во иднина да се реши преку комунални инспектори од општината.
Разговаравме и за бучавост на угостителските објекти, како и за возилата. Во однос на бучавата повторно одговорни се инспекциските служби на општината, секако доколку не е во период во кој се третира како нарушување на јавниот ред и мир. Мерењето на бучавост мора да биде иницирано од инспекциските служби. Ова е момент за кој ќе мора да се бара да се направат измени во начинот на мерење на бучавоста, но засега , докажување на истото е речиси невозможно. За автомобилите, сообраќајната полиција има право да запре возило за кое претпоставува дека е загадувач или создава зголемена бучавост, но не да го казни, туку да го прати на вонреден технички преглед – информираат од граѓанската иницијатива.
Оттаму велат дека од СВР Скопје ги уверувале дека општина Карпош се смета за една од најбезбедните општини, но според нив, трите сообраќајки на Партизанска во рок од десетина дена не укажуваат на тоа. Во таа насока биле советувани преку Советот на Општина Карпош да достават претставка до полициската станица „Карпош“ во која ќе се наведат сите проблеми кои ја нарушуваат безбедноста, поткрепени со факти и изјави.
Барањето за пешачки семафор кај „Антико“ не е стигнато до СВР Скопје и началникот ни укажа дека запирањето е веројатно во секторот за сообраќај на Град Скопје. Следна задача е да се провери што се случува со барањето во Градот – велат од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“ и додаваат дека претставката ќе ја подготват во наредниот период и ќе ја достават како точка на дневен ред на општинскиот Совет. Оттаму ги повикуваат карпошани ако имаат свои сознанија и забелешки да ги достават за да бидат внесени во претставката.
Жителите на Карпош на социјалните мрежи постојано алармираат за проблемите од ваков вид во општината. Карпошани се жалат за небезбедни улици низ населбите особено во делот на Тафталиџе, каде, како што тврдат, нефункционални се и тротоарите и велосипедските патеки каде што ги има, поради паркирани возила. Тие реагираат на безбедноста на улиците Варшавска и Лондонска, каде што има и училишта, па бараат од Општината да се постават легнати „полицајци“ пред пешачките премини за да се забави брзото возење, но и столпчиња на тротоарите за да се спречи паркирањето автомобили затоа што од нив нема прегледност безбедно да се помине улица.
За улицата Варшавска неодамна коментираа и активистите од „Борба за Влае“.
При оваа „реконструкција“ го сменија асфалтот за „глатко“ да се движат колите, но не ги подобрија условите за пешаците. Не ги слејаа рабниците на пешачките премини, не ги стеснаа коловозните ленти, не спречија коли да се паркираат долж улицата, не направија нови велосипедски ленти. А по оваа улица се движат сите ученици во населбата – реагираа од „Борба за Влае“.