Градоначалникот на Општина Тетово и еден од лидерите на ВЛЕН, Биљал Касами, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, се повикува на Законот за локална самоуправа кој бара ваков процес да запре шест месеци пред редовни локални избори и да продолжи по нив
360°: Колегите од БИРН пред извесно време објавија дека документирале седум случаи во Тетово каде што инвеститори добиле градежни дозволи за пониски згради, уште веднаш поставиле темели за повисоки, а во меѓувреме со Општината почнале процедура за промена на деталните урбанистички планови, односно практично приспособување на своите бизнис-планови. Зошто толерирате ваков пристап?
Касами: Видете, ако не сите, а најверојатно и сите тие згради се почнати пред да дојдам јас на власт во Тетово. И како и во други случаи, се обидувам да најдам решение. Тоа што беше погрешно протолкувано во јавноста, изјавата на шефот на секторот за урбанизам дека за нас е важно да се земат парите… За нас е важно да најдеме решение и сигурно тоа што е по закон, значи луѓето што инвестираат да плаќаат комуналии, затоа што претходното искуство беше дека се градеше бесправно и некој земаше пари, сега за да имам контрола дека тие пари одат во буџетот и одат за проекти и за интерес на граѓаните…
360°: Тоа нели е де факто изигрување на законите?
Касами: Не, не е изигрување на законите.
360°: Ама ако сте добиле дозвола за четири ката, а правите осум?
Касами: Ама, значи откога е почнато како градба, тие веќе биле договорени со некого за така да биде, зашто не може да почнат градба за осум ката, а да имаат дозвола за четири.
360°: Но, вие сега што правите различно, само им го легализирате тоа?
Касами: Не, јас правам различно – тие пари наместо да одат во нечии џебови, ќе одат во буџетот на Општината и ќе се реализираат проекти.
360°: Значи, во право бил шефот на секторот за урбанизам?
Касами: Значи, тоа е целта на Општината – да собира пари и да реализира проекти. Така што и другото дека бизнисот планира ние да реализираме, така е, јас тоа го кажувам јавно, јас сум во поддршка на бизнисите, кој сака да гради да дојде во Тетово. Но, истовремено ние работиме каде што можеме да ослободиме повеќе јавен простор и тоа го знаат граѓаните во Тетово.
360°: Ви бараат парк, меѓу другото.
Касами: Да, и ќе има парк.
360°: Каде?
Касами: Во „Шик Јелак“. Значи, таму последен пат што се започна иницијатива за промена на урбанистичкиот план, зашто подоцна ние добивме информација дека повеќето од земјиштето уште е државно, тој дел ќе се пренамени за државни институции, ќе се градат некои објекти што се потребни на општината, на некои други државни агенции во Тетово, но повеќе од тоа ќе биде парк, ќе биде игралиште, ќе биде простор од јавен интерес.
360°: До каде е процесот на преименување и именување улици во Општина Тетово?
Касами: Иако имаше некои пречки и ако е многу деликатен затоа што Тетово немаше таков процес, иако беше една од општините со најголем развој и проширување на границите на градот и на урбаниот дел, добро оди процесот. Комисијата веќе има одржано неколку јавни анкети, имаме добиено многу квалитетни имиња…
360°: Имавте очигледна разлика со партнерот ВМРО-ДПМНЕ – тие зборуваа само за именување на улиците кои или немаат имиња или се означени со број, а вие зборувате и за преименување на улици што веќе имаат имиња.
Касами: Видете, сега тоа е во дефиниција. Кога го почнав процесот на градба на градскиот стадион во Тетово, формално-правно оди процес за реконструкција на постојниот, зашто има стадион, но ќе се гради сосема нов објект. Исто и во делот на именување на улиците, иницијативата е за именување на улиците, но тоа не значи дека ако граѓаните бараат некои од имињата да останат, дека нема да останат. И тоа не само за имињата кои имаат, нели, како да кажам, македонски предзнак. Значи, има и неколку улици кои имаат имиња со албански дејци кои можат, ако бараат да останат, ќе останат. Значи, формално-правно оди како процес на именување на улици, но реално тоа не значи дека сите улици кои имаат име, ќе им се промени името.
360°: Но, пред локални избори нема да го терате тоа?
Касами: Не, зашто Законот за локална самоуправа за именувањето на улиците бара шест месеци пред одржување на редовните локални избори да престане процесот и да продолжи потоа.