Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Каја Калас се соочува со бројни критики во првите месеци на функцијата, а бриселските функционери најмногу и замеруваат дека продолжила да „се однесува како премиерка“, рекле извори за Политико. За време на посетата на Киев, веднаш по преземањето на функцијата во декември, Калас на Х објави дека „Европската унија сака Украина да победи во оваа војна“, а некои функционери на ЕУ рекоа дека се чувствуваат непријатно поради тоа што шефицата на Европската служба за надворешни работи, на првиот ден на работа, си дава слобода да „го пречекори она што се сметаше за воспоставената реторика за повеќе од две години војна во Украина“, наведува бриселскиот портал. -Калас и понатаму се однесува како премиерка, рекол еден дипломат на ЕУ, кој сакал да остане анонимен, алудирајќи на нејзината претходна позиција како премиерка на Естонија.
Овој извор и девет други дипломати и функционери на ЕУ за „Политико“ укажале на „низа погрешни чекори“ за време на првите неколку месеци од работата на Каја Калас, почнувајќи од изнесување важни предлози за кои нема поддршка, до земање преголема слобода во изјавите за надворешна политика. Неколку дипломати, исто така, изразија незадоволство од нејзиниот стил на раководење, жалејќи се на, како што го опишаа, недостигот на консултации за чувствителните прашања. Во првите месеци од нејзиниот мандат, овие грижи само се зголемија, меѓу другото и поради нејзиниот цврст однос кон Русија, што ја оддалечи од позициите на земјите-членки како Шпанија и Италија, кои не ја делат нејзината оценка дека Москва е непосредна закана за ЕУ, наведува Политико. -Додека ја слушате, се чини дека сме во војна со Русија, што не е линијата на ЕУ, рекол еден претставник на ЕУ. Друга замерка се однесува на нејзиниот предлог, по Безбедносната конференција во Минхен во февруари, земјите од ЕУ да обезбедат милијарди евра итна воена помош за Украина, откако САД ја прекинаа помошта, информира бриселскиот портал.