Љупчо Пецов познат како Ѓаволот повторно се соочува со обвинение поврзано со злоупотреби со нафта и нафтени деривати. Тој заработи кривична пријава во обвинителството во Штип поради тендерот на неговата фирма Тритерол Петрол со Општина Штип за набавка за испорака на нафта за греење – екстра лесно масло за домаќинство за потребите на градинките, основните и средните училишта во градот. Кривичната пријава против 26 лица е за „злоупотреба на службена положба и овластување“, „фалсификување исправа“ и „несовесно работење во службата“. Тендерот е вреден два и пол милиони евра. Фирмата испорачувала помалку нафта од предвидената, а буџетот на Општина Штип е оштетен за речиси 300.000 евра. „Од 2021 до 2023 година во 35 наврати испорачале многу помала количина на нафта од количината која што ја фактурирале и наплатувале од горенаведените установи“, соопшти МВР.
Кривична пријава има и против директорот на фирмата, кој е потпишан на договорот со општината, Зоранчо Ангелов, како и вработен во Општина Штип, кој изготвувал лажни белешки за доставената нафта. „Третопријавениот А.М., вработен во Општина Штип, со овластување од градоначалникот на Општина Штип да врши прием, распределба и достава на нафта во установите, разликата од фактурираната количина и реално доставената количина, според оригиналните вагарски белешки евидентирани во електронскиот систем на вагата на терминал во Штип ја прикривале на тој начин што изготвувале лажни вагарски белешки, кои третопријавениот ги приложувал во Општина Штип, во списите од предметот на јавната набавка“, соопшти МВР. Се гони и возачот на цистерната кој иако знаел дека испорачува помалку нафта, исто така пријавувал невистинити количини. Петтопријавениот, овластено лице за прием на нафта но Општина Штип, не вршел претворање на разликата на нафта од килограми во литри, а шестопријавената, тогашна секретарка на Општина Штип, не презела мерки за корегирање на наведениот недостаток на нафта.
Останатите 20 лица, пак, во својство на одговорни лица за прием на нафта во јавните установи ја потпишувале испратницата, без целосно да ја спроведат постапката за прием на нафтата.Тритерол Петрол само годинава има потпишано 11 тендери со јавни установи и институции вкупно во вредност од 500.000 евра. Пецов и неговиот татко и мајка во 2013 година беа осудени во аферата „Керозин“, бидејќи преку фирмата „Алма комерц“ точеле помалку нафта од предвиденото со договорите за јавни набавки и со тоа го оштетиле Буџетот на државата за речиси три милиони евра. Пецов беше осуден на девет години затвор, а потоа казната му беше намалена на седум години.