Со доаѓањето на пролетта, почнува и сезоната на алергии, а за голем дел од населението тоа значи проблеми со кивање, запушен нос, чешање на очите и грлото. Поленот од дрвјата, тревите и другите растенија е главен предизвикувач на сезонските алергии, а според лекарите, бројот на пациенти со вакви симптоми е во пораст. Дополнителен фактор е загадувањето на воздухот, кое може да ги влоши алергиските реакции. Пациентите често ги мешаат симптомите со настинка или вирусна инфекција, што го одложува соодветното лекување. Аптеките веќе бележат зголемена побарувачка за антихистаминици и други терапии за олеснување на симптомите.
Клучни наоди од Светската здравствена организација WAO:
Според Светската алерголошка организација (WAO), алергиите стануваат сериозен глобален здравствен предизвик, погодувајќи 30-40% од популацијата. Поленските алергии се зголемуваат поради климатските промени, а загадувањето на воздухот го влошува нивниот интензитет. Астмата, алергиските реакции на храна и егзема исто така бележат пораст, особено кај децата. WAO истакнува дека раната дијагностика и адекватниот третман се клучни за контролирање на симптомите и спречување на компликации.
-Сезонските алергии се во пораст, поради климатските промени, периодот на поленска сезона е подолг, а концентрацијата на полен е зголемена.
-Астмата и алергиите се меѓусебно поврзани, околу 300 милиони луѓе во светот имаат астма, а голем дел од нив страдаат и од алергии.
-Загадувањето на воздухот ги влошува симптомите, посебно честичките (PM2.5) и индустриските загадувачи го зголемуваат ризикот од алергиски респираторни болести.
-Алергиите кај децата значително се зголемуваат, во урбаните средини, 40-50 отсто од децата покажуваат знаци на некаков вид алергија.
-Алергиските реакции на храна се зголемуваат, особено на кикирики, млечни производи, јајца и морска храна. Анафилаксата е во пораст во многу земји, се наведува во извештајот на WAO.
„Некогаш не помага ниту редовното пиење антихистаминици„
Во последните години, во Македонија се забележува значителен пораст на бројот на пациенти кои бараат лекарска помош поради сезонски алергии. Според лекарите, кај некои луѓе симптомите се јавуваат уште во февруари, а најинтензивни се во пролетните месеци. Долготрајната изложеност на алергени може да доведе до хронични проблеми како ринитис или синузитис. Освен тос, истражувањата покажуваат дека луѓето со постоечки респираторни заболувања се поподложни на алергиски реакции. За некои, сезонските алергии се минлив проблем, но за други, тие сериозно го нарушуваат квалитетот на живот. Соговорниците на Фактор го потврдуваат тоа, раскажувајќи како се борат со алергиите секоја година.
-Секој март знам што ме чека– чешање на очите, затнат нос и непрекинато кивање. Живеам во куќа со двор, но во овој период не можам да седам надвор. Најлошо е наутро и навечер, кога концентрацијата на полен е највисока. Антихистаминици пијам редовно, но некогаш ни тие не помагаат доволно, вели Горан Велков од Скопје.
-Имав алергиска астма како дете, а сега секоја пролет очите ми отекуваат, носот ми тече, а дишењето ми е отежнато. Тестовите покажаа дека сум алергичен на коров, трева и влага. Најтешко ми е во периоди кога цветаат растенијата, а воздухот е полн со полен, посочува студентот Марио Стојановски. Освен антихистаминици, пациентите често бараат капки за очи, спрејови за нос и природни суплементи за поддршка на имунитетот. Но, иако многумина сами купуваат лекови, стручните лица предупредуваат дека самостојното лекување може да биде ризично.
-Важно е пациентите да посетат алерголог за да се утврди точниот вид алергија. Не сите антихистаминици делуваат исто, па неправилната терапија може да биде неефикасна. Алерго тестовите се неопходни за прецизна дијагноза, а дополнително, препорачливо е да се внесуваат витамини за зајакнување на имунитетот, бидејќи силен организам полесно се справува со алергиските реакции, вели Марија Р, фармацевт од Скопје. Дополнително, според извештајот на WAO, вакцините против алергии се ефикасни, а имунотерапијата покажува успех во намалување на симптомите на поленски алергии и астма.
Анита Буховски