Началникот на Генералштабот на украинската армија Олександар Сирски вечерва изјави дека продолжуваат борбите во предградијата на градот Сузда во областа Курск во Русија и дека руските војници се обидуваат да ги потиснат украинските сили. Изјавата на Сирски доаѓа откако рускиот претседател Владимир Путин за првпат се појави на линијата на фронтот во руската област, од која значајни делови со месеци беа под украинска контрола. Неговата посета на Курск доаѓа откако денеска медиумите јавија за масовно повлекување на украинската војска од позициите во Курската област, во потег што веројатно е поврзан со актуелните преговори за прекин на огнот под американско покровителство. Сирски денеска рече дека намерата на руската војска е да ги премести борбите во границите на Украина и нагласи дека украинската армија ќе се бори во руската област Курск „колку што е потребно“, пренесе „Ројтерс“.
Претходно рускиот заменик-министер за одбрана Валериј Герасимов изјави дека Русија ослободила повеќе од 1.100 квадратни километри во областа Курск и нагласи дека „плановите на Киев во таа област пропаднале“. „Украинските сили се опколени во областа Курск“, рече Герасимов, додавајќи дека украинската армија претрпела големи загуби. На состанокот одржан на едно од командните пунктови на руската армија одговорна за регионот Курск, рускиот претседател Владимир Путин предложи формирање безбедносна зона долж државната граница. Тој рече дека руските војници треба да го „победат непријателот“ во областа Курск и целосно да го ослободат регионот, додавајќи дека војниците заробени во Курск „ќе бидат третирани како терористи“.