Администрацијата на Трамп минатата недела ја укина можноста на Харвард да запишува меѓународни студенти, оставајќи ги странските студенти пред избор — да се префрлат на други универзитети или да го изгубат својот легален статус. Федерален судија во петокот привремено ја блокираше одлуката и закажа рочиште за 29 мај. Кина се вклучи и издаде „безусловни понуди“ за меѓународните студенти на Харвард, среде тековниот конфликт на американскиот универзитет со администрацијата на Доналд Трамп, пренесува Индипендент. Администрацијата на Трамп минатата недела ја укина можноста на Харвард да запишува меѓународни студенти, оставајќи ги странските студенти пред избор — да се префрлат на други универзитети или да го изгубат својот легален статус. Федерален судија во петокот привремено ја блокираше одлуката и закажа рочиште за 29 мај.
Забраната, која треба да стапи на сила во академската 2025–2026 година, доаѓа откако администрацијата тврдеше дека Харвард промовира антисемитизам и соработува со Комунистичката партија на Кина. Потегот влијае врз околу 1.300 кинески студенти, кои сочинуваат околу една петтина од вкупниот број на меѓународни студенти на Харвард. Секретарката за образование на Хонг Конг, Кристин Чој, ги повика универзитетите во финансискиот центар да ги прифатат „извонредните студенти од целиот свет“. „За меѓународните студенти погодени од политиките на САД за прием на студенти, Бирото за образование упати апел до сите универзитети во Хонг Конг да понудат олеснувачки мерки за квалификуваните студенти“, изјави Чој во соопштение.
Бирото соопшти дека стапило во контакт со Харвард Клубот на Хонг Конг за да понуди поддршка на студентите погодени од одлуката. „Ќе продолжиме внимателно да ги следиме потребите на студентите чии студии се погодени од променливиот глобален образовен пејзаж“, додаде бирото, нагласувајќи дека ќе разгледа дополнителни мерки за поддршка во рамки на улогата на градот како „меѓународен образовен центар“. Секретарката за образование изјави дека универзитетите во Хонг Конг ги користат мерките на владата, вклучително и олабавување на максималните ограничувања за странски студенти, со цел да привлечат нови студенти во градот. Во петокот, Универзитетот за наука и технологија во Хонг Конг ги покани меѓународните студенти од Харвард да ги продолжат своите студии на нивниот универзитет. Универзитетот соопшти дека е подготвен да „понуди безусловни понуди, поедноставени процедури за прием и академска поддршка за да обезбеди непречен премин за заинтересираните студенти“.
Хонг Конг, град со 7,5 милиони жители, има пет универзитети меѓу првите 100 според Светската ранг-листа на универзитети на Times Higher Education. До неодамна, се сметаше за едно од најслободните академски подрачја во Азија. Училиштата и универзитетите во градот сега се обврзани да вклучат национална безбедност и патриотски теми во наставата, што ги приближува до образовниот систем на копнена Кина. Во меѓувреме, Трамп побара од Харвард да му ги достави на неговата администрација „имињата и државите“ на сите меѓународни студенти. Според најновите податоци на универзитетот, таквата листа би содржела околу 6.793 имиња. „Зошто Харвард не кажува дека речиси 31% од нивните студенти се од СТРАНСКИ ЗЕМЈИ, а тие земји, од кои некои не се ни пријателски кон САД, НЕ ПЛАЌААТ НИШТО за нивното образование, ниту пак имаат намера да платат“, напиша тој на својата социјална платформа Truth Social. „Никој не ни го кажа тоа!“ Администрацијата претходно предупреди дека федералното финансирање на Харвард ќе биде загрозено ако универзитетот не ги исполни барањата на претседателот, кои вклучуваат укинување на програмите за различност, спроведување на ревизија за „разновидност на ставови“ и распуштање на про-палестинските демонстрации. Но, судијката Алисoн Бароуз ја нарече наредбата „очигледно кршење на уставот“ и му одобри на Харвард привремена судска забрана против администрацијата. Бароуз изјави дека адвокатите на Харвард покажале оти мерката ќе предизвика „непосредна и непоправлива штета“ на институцијата. Извор: Новинска агенција МЕТА