Кина решително ќе преземе контрамерки за да ги заштити своите права и интереси доколку САД ги засилат царинските мерки, соопшти денеска кинеското Министерство за трговија.
-Таканаречените „реципрочни тарифи“ на САД против Кина се неосновани и типичен пример за еднострано малтретирање – изјави портпаролот на Министерството за трговија, коментирајќи ја заканата на САД за воведување дополнителни царини од 50 отсто за кинескиот увоз, на што Кина силно се противи, пренесува Ксинхуа. Министерството соопшти дека контрамерките усвоени од Кина се целосно легитимни акции насочени кон заштита на нејзиниот суверенитет, безбедност и развојни интереси, како и одржување на нормален меѓународен трговски поредок.