По еден месец, владата во Пекинг ја укина забраната за кинеските авиокомпании да преземаат авиони од американскиот производител Боинг, што е директна последица од договорот меѓу Кина и Соединетите Американски Држави за привремено намалување на тарифите за 90 дена, кој беше постигнат во Женева.
На почетокот на оваа недела, кинеските власти ги информираа тамошните авиокомпании и надлежните државни агенции дека можат самостојно да го организираат преземањето на авионите на Боинг, во согласност со нивните сопствени услови, објавува Блумберг. Одлуката сигнализира ублажување на тензиите меѓу двете најголеми економии во светот и потенцијален пресврт за американската авиоиндустрија.