„Многу работи се кажани од оваа говорница за проблемот со бездомните кучиња во нашата метропола како што умееме да кажеме, нашето Скопје, кое за жал има еден децениски проблем со бездомните кучиња и никако да се реши. Многу работи се направени но недоправени, зошто ние треба да сме изворот на информации од Скопје и сето она што скопјани ни го пренесуваат на нас треба да го споделиме заедно тука со вас и да најдеме соодветно решение. Скопјани, неколку пати сум повторил и ќе повторам и сега дека се небезбедни во својот град. На површината на целото Скопје се претпоставува дека има околу од 8000-10000 бездомни кучиња и тоа е навистина една бројка која е фрапантна. Навиваме за „Лајка“ кога се отвори пред пет или шест години и тогаш кажав кога учествував директно во програмата и дадов свое мислење како кинолог и како човек кој ги сака кучињата. Уште тогаш кажав дека со оглед на бројката со која се соочуваме во Скопје со бездомните кучиња дека Лајка со капацитетите кои ги има не може соодветно и брзо да го реши овој проблем“ , прецизираше во своето излагање советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков на денешната седница на Советот на Град Скопје.
Кирков истакна дека ЈП Лајка нема доволен капацитет и не може да го реши проблемот со бездомните кучиња, но објасни дека во интерес на вработените, но и кучињата кои во моментов престојуваат во стационарот потребно е да ја изгласаат програмата. Кирков дополнително објанси дека сепак стои на ставот дека во иднина потребно е да се најде брзо и системско решение за трајно решение на проблемот.
„Скопјани се нападнати од кучиња и има околу 800 каснувања на годишно ниво што навистина е застрашувачки. Огромни пари на скопјани се одлеваат за потребите на ова јавно претпријатие кое пак ќе кажам кој и да е менаџмент нема капацитет и не може набрзина да го реши овој проблем и под хитно треба брзо и системско решение и друга програма. Меѓутоа, во интерес на ЈП Лајка, на вработените, кој верувам дека даваат се од себе да го надминат овој проблем таму се околу 40 вработени и околу 160 кучиња кои во моментов престојуваат во овој стационар. Јас замолувам оваа прогрма да ја изгласаме, иако сум на ставот дека оваа програма треба да претрпи низа промени. Да се најде брзо, ефикасно и системско решение за трајно да го решиме проблемот со бездомните кучиња“, заклучи Кирков.