Еколошка катастрофа му се заканува на Кичево затоа што дива депонија „никна“ среде градот. Граѓаните денеска излегоа на протест од каде се пожалија дека кога сметот ќе биде запален се шири неподнослива смрдеа, се појавувале глувци и депонијата претставува опасност од заразни болести.
Локалната власт како што истакнаа, не направила ништо за да го санира проблемот. Им ветувале дека депонијата е привремено решение и дека ќе се направи нова, што до денеска се нема случено. Во меѓувреме купиштата ѓубре се таложат и стануваат уште поголема закана за благосостојбата на кичевчани. Тие му упатија ултиматум на градоначалникот да ја дислоцира депонијата или ќе се соочи со големи протести. Отпадот бараат да се отстрани и да се изгради депонија по европски стандарди.