Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски рече дека македонскиот здравствен систем нема искуство со комплицирани случаи на изгореници и затоа пациентите од пожарот во дискотеката во Кочани се испраќаат во странство. – Ние имаме околу 100-на изгореници во текот на една година во цела земја. Изгореници од пожар се најтешките, бидејќи освен изгореници на пожар на мкожа има изгореници и на респираторните органи. Од овие случаи во последните четири години сме имале 28 случаи, 6 со висок степен на изгореници, комплицирани случаи на изгореници со кожен графт сме имале 11 случаи и пресадување со кожен графт исто 11 случаи. Во 2024 година сме имале пет тешки случаи. Ние сега се справуваме со 170 пациенти најмалку како македонски здравствен систем и мора да оддадеме признание на лекарите и персоналот со ова справување. Натамошните фази се специфични и бараат специфично искуство, историски во фондот за здравствено осигурување од 2017 година имаме пет случаи испратени на лекување во странство.
Можам да кажам дека на еден пациент во Солун му е направена трансплантација на кожен графт на раката. До овој момент имаме сместено пациенти во 12 земји, со потенцијал да станат преку 14, а болниците се преку 25. Станува збор за добар дел на воени институции и специјализирани болници за изгореници и ова го направивме пациентите да добијат најдобра здравствена нега – рече Клековски. Околу 70 пациенти се уште се згрижени и ќе бидат третирани во нашите болници и за таму обезбедено е искуство со воени лекари од странство од Чешка, Израел… Денеска од Британија доаѓаат експерти кои ќе помогнат да се планира следната фаза за лекување на пациентите која ќе трае долго. Директорот на ГОБ 8 септември, Синиша Стојановски сподели нови информации од координативниот состанок. – Во Македонија имаме 77 од повредените. 101 од пациентите се трансферирани. Она што радува е дека сегашните трансфери не се во насока на пациенти кои се критични, туку сега се испраќаат пациенти според степенот на изгореници во специјализирани болници за изгореници на долекување – рече Стојановски.