Ги немало, не поради ненавремена набавка, туку поради тоа што ги немало кај дистрибутерите, не биле биолошки и не биле скапи, ги произведувале повеќе производители, ќе пристигнеле, а во меѓувреме на Клиниката за онкологија имало други лекови како замена, од кои едниот дури и од истиот производител, но нова генерација.
– Ниеден од скапите биолошки лекови, во моментов не недостасува, подвлече Клековски, повикувајќи медиуми и политичари, да не создаваат притисок и несигурност врз пациентите, со вести за недостаток од лекови.Тој истакна дека во моментов и во иднина, не смее да има недостаток од лекови. Профункционирала комисијата за позитивна листа и се работело на тоа, се правеле анализи за да се види, што уште може да се додаде на оваа листа. Многу набрзо, уште во текот на летото, ќе имале одлука и за тоа.
– Тоа што ние можеме да го направиме е да го зголемиме финансирањето на Општата болница во Кочани. Јас мислам дека баш за дел од производите, тесните грла се надминати и дека набавките ќе влезат во одреден континуитет и нема да има проблеми. Во процес сме на анализа на барањата на болницата за вработувања и зголемувања на буџетот и многу набрзо тоа, исто така, ќе биде решено, одговори тој на новинарско прашање, околу реакции на пациенти повредени во пожарот во Кочани, а на рехабилитација во Пониква, дека немало доволно креми, лепенки и слично.
Во врска со двата лека што се ставени на позитивна листа, а ќе бидат достапни за пациентите за три недели, беше појаснето дека досега пациентите не плаќале за нив партиципација, при земање од Клиниката за онкологија. Но, плаќале за да дојдат до болницата, на пример од некое друго место во државата. Сега лековите ќе биле достапни во аптеките во нивните места, ќе се плаќала партиципација. Таа партиципација, во зависност од цената на лекот, немало да биде повеќе од 50 до 100 денари по пакување. Што, секако, како што беше кажано, би чинело многу помалку, отколку пациентот да плаќа превоз и да се малтретира до Скопје и назад.