На Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), денеска се одржува првиот младински GOVTECH хакатон „Кликни безбедно“, во организација на МКСафеНет, проект во рамки на Министерството за дигитална трансформација. На настанот учествуваат ученици од средните училишта со различни вештини во делот на дигиталниот свет, како програмери, дизајнери, иноватори и ентузијасти. Тие, организирани во повеќе тимови, ќе работат на развивање иновативни решенија на одредена тема или проблем.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски Андоновски во своето воведно обраќање истакна дека настанот докажува дека технологијата не е тука за да ги замени луѓето, туку за да ги поврзе и да им даде алатки што ги штитат, ги едуцираат и ги охрабруваат.
„Во време кога младите често се гледаат како иднината, јас во вас тука ја гледам сегашноста, како креатори на решенија, а не само корисници на услуги. Затоа што најдобрите дигитални алатки не доаѓаат од владини згради, туку од училишни клупи полни со идеи, од факултетите, од средните училишта. Токму затоа го создаваме MKSafeNet – мрежа за дигитална заштита на млади. Вие сте доказ дека дигиталната писменост, креативноста и одговорноста може да одат рака под рака,” рече Андоновски.