Универзитетската клиника за урологија во Скопје, започна со изведување операции за вградување на вештачки уринарен сфинктер, нова процедура, која досега се спроведуваше само во странските и приватните медицински центри. Интервенциите бea изведени од виш научен соработник д-р Огнен Ивановски. Првите две интервенции се изведоа под менторство на професор д-р Сергеи Владиславович Котов од Клиниката за урологија Пирогов во Москва, Русија. Досега, изведени се вкупно 10 вакви интервенции, што ја вбројува Универзитетската клиника за урологија помеѓу ретките центри, кои се лиценцирани за изведување на овој тип нови процедури. Во изминатава година, во однос на земјите од регионот, во Македонија се вградени најголем број уринарни сфинктери на пациенти кај кои е неопходна ваква интервенција. Операцијата на вградување сфинктер е целосно покриена од Фондот за здравствено осигурување на Р.С. Македонија и претставува нова услуга во јавното здравство.
По стекнувањето на соодветна експертиза во странски центри, како што е работа на 3D испечатени модели на мала карлица во Турција, курсеви на кадавер, како и клинички стаж во Левен, Белгија, д-р Ивановски за првпат самостојно изведе операции за вградување на вештачки уринарен сфинктер кај 10 македонски пациенти. „Со воведувањето на оваа процедура, Универзитетската клиника за урологија, не само што ја проширува понудата на здравствени услуги во јавниот сектор, туку и го подобрува животот на пациентите, кои досега немале можност за третман на уринарната инконтиненција во рамките на земјава“, изјави директорот на Универзитетската клиника за урологија, д-р Башким Шабани. Карциномот на простата е најчесто дијагностицирана малигна болест кај мажите над 50-годишна возраст. Се проценува дека 1,4 милиони мажи годишно го добиваат овој карцином, а 375.000 од нив умираат како директна последица од болеста.