Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко за Би-би-си изјави дека Украина можеби ќе мора да се откаже од територија како дел од мировниот договор со Русија, во услови на сè поголем притисок од американскиот претседател Доналд Трамп Украина да прифати територијални отстапки.
„Едно од сценаријата е… да се откажеме од територија. Тоа не е фер. Но, за мир, привремен мир, можеби може да биде решение, привремено“, рече Кличко. Сепак, 53-годишниот поранешен шампион во бокс, а сега политичар, нагласи дека украинскиот народ „никогаш нема да прифати окупација“ од страна на Русија. Тој зборуваше неколку часа по нападот со руски ракети и беспилотни летала врз Киев во кој загинаа 12, а повеќе од 80 лица беа повредени. Тоа беше еден од најсмртоносните руски напади врз украинската престолнина во последните месеци. Рускиот претседател Владимир Путин започна целосна инвазија на Украина во 2022 година, а Москва моментално контролира околу 20 проценти од украинската територија.
Зборувајќи во програмата на Би-би-си радио 4 од својата канцеларија во центарот на Киев, Кличко нагласи дека е „одговорен за главниот град на Украина“, опишувајќи го како „срце“ на земјата разурната од војна. Тој рече дека украинскиот претседател Володимир Зеленски би можел да биде принуден да донесе „болна одлука“ за да постигне мир. Градоначалникот на Киев сега е еден од највисоките украински политичари кој јавно посочи дека неговата земја можеби ќе мора да се откаже од територија, иако привремено, наведе Би-би-си. На прашањето дали Зеленски разговарал со него за деталите за евентуален договор, Кличко отворено одговори: „Не“.
„Претседателот Зеленски го прави тоа сам. Тоа не е моја функција“, додаде тој. Кличко и Зеленски се политички противници. Градоначалникот на Киев постојано ги обвинува претседателот и неговиот тим дека се обидуваат да го поткопаат неговиот авторитет.