Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) со седиште во Торонто, Канада, го води Бил Николов, канадски државјанин со македонско потекло. На 8 септември, на пример, тој има напишано: „Да бев лидер на Македонија, пред Генералното Собрание на ОН би го соопштил следното `Го вративме вистинското име, Македонија, ги ослободивме сите политички затвореници, се повлековме од НАТО и од кандидатурата за ЕУ и ги протеравме претставници на САД/НАТО/ЕУ од Македонија“
Отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, Бугарија кое е закажано за 30 октомври е финансирано од Глигор Цанев и Минчо Остас од Торонто и Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП).
Ова може да се прочита на фејсбук-профилот на ОМО Илинден Пирин, во поканата за отворањето на клубот, каде покрај останатите формалности, се наведени и „пријателите“ со чија финансиска помош се реализира иницијативата.

Информацијата за финансиерите на клубот за „360 степени“ ја потврдија и организаторите на отворањето на клубот.
За двајцата финансиери Цанев и Остас, кои се јавуваат како физички лица, нема јавно достапни податоци за нивните биографии, професии и ангажмани.
Од друга страна, пак, за Македонското меѓународно движење за човекови права (Macedonian Human Rights Movement International) има многу повеќе информации, а здружението има и своја интернет-страница, од која барем, според најголем дел од текстовите, вестите и ставовите објавени на неа, може да се заклучи дека станува збор за организација со изразена антиамериканска, анти-ЕУ и анти-НАТО ориентација.
Токму на нивната веб-страницата во објава од 2 октомври здружението информира дека е „горд финансиер“ на отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ закажано за в недела, 30 октомври.
„Македонското меѓународно движење за човекови права со гордост објавува дека го финансиравме отворањето на Македонскиот културен центар Никола Вапцаров во Горна Џумаја (преименуван во „Благоевград“ од Бугарија), Пиринска Македонија. Официјалната церемонија ќе се одржи на 30 октомври 2022 година“ пишува во објавата.
Во неа се додава дека културниот центар ќе биде управуван од Македонското друштво за заштита на основните човекови права, „организација која се залага за угнетеното македонско малцинство во Бугарија, а ќе продолжи да се финансира од Македонското меѓународно движење за човекови права“.
Веќе во наредниот пасус од текстот, јасно паѓа в очи антагонизмот на ММЧДП кон актуелната Влада во земјава и нејзиниот премиер, Димитар Ковачевски.
Организацијата со седиште во Торонто, Канада, чиј претседател е Бил Николов, актуелната власт во С Македонија ја именува како „режим“ и ја обвинува дека не си го одржала зборот дека ќе го „финансира македонскиот културен центар во Пиринска Македонија“ и продолжила да им помага на Бугарија и Грција во потиснувањето на идентитетот и човековите права на македонците низ Балканот.

„Димитар Ковачевски, премиерот на режимот во Република Македонија, вети дека ќе го финансира македонскиот културен центар во Пиринска Македонија по осудата на режимот за отворањето на бугарскиот клуб за глорификација на нацистите во Битола, Република Македонија, именуван по Ванчо Михајлов, озлогласениот бугарски нацистички соработник и воен злосторник. Клубот беше отворен по налог на бугарската влада – и на Европската Унија – во нивните континуирани напори да ги смират јавно прославените цели на Бугарија за искоренување на етничкиот идентитет на Македонците, културата, историјата и постоењето на големото македонско малцинство во Бугарија, така што Бугарија го укина ветото за кандидатурата за членство на Република Македонија во ЕУ. Како што се очекуваше, режимот одби да го исполни нивниот „завет“ и избра да продолжи да им помага на Бугарија и Грција да ги потиснат идентитетот и човековите права на Македонците низ Балканот“,велат од ММДЧП. Целиот текст на 360 степени