Преговорите се прекинати поради несогласувања како да бидат распределени министерствата Вистински земјотрес ја погоди австриската политичка сцена кога Слободарската партија на Австрија (ФПО) и Австриската народна партија (ОВП) ги прекинаа преговорите за коалициска влада поради несогласувања околу распределбата на министерствата. Двајцата партиски лидери, Херберт Кикл од ФПО и Кристијан Штокер од ОВП, се соочија со сериозни предизвици на клучните преговори за составување на идната влада.
ФПО јасно ги искажа своите барања, барајќи клучни министерства, како Министерството за внатрешни работи и Министерството за финансии. Покрај тоа, слободарите се залагаат да биде именуван „независен министер за правда“. Во замена, ФПО му понуди на ОВП седум министерства, вклучувајќи ги оние за економија, инфраструктура, енергија, одбрана, земјоделство, образование и надворешни работи. Меѓутоа, овој предлог не помина глатко кај ОВП, која ја одби понудата и изрази незадоволство. Еднa од главните причини за судирот е желбата на ФПО да ја преземе контролата врз Министерството за внатрешни работи, преку кое Херберт Кикл, познат по своите контроверзни ставови, би можел да спроведе реформи насочени против досегашните принципи на водење на политиката на Австрија. ОВП инсистира да го добие тоа министерство, а Кристијан Штокер дури изрази желба лично да ја преземе функцијата. Голем камен на сопнување се и прашањата поврзани со агендите на Европската Унија. ФПО, која е позната по своите евроскептични ставови, сака прашањата за ЕУ да бидат под надлежност на канцеларот, а ОВП инсистира да ја задржи оваа област, заедно со Министерството за надворешни работи. ОВП потсети дека таков модел функционираше и во претходните коалиции со социјалдемократите (СПO), каде ОВП ги контролираше европските агенди и надворешните работи, а СПO го имаше канцеларот. ОВП одлучи да ги прекине преговорите.
– Кикл беше безобразен и рече дека треба да се прилагодиме. На тоа одговоривме дека мораме да направиме пауза – рече еден од преговарачите.
Иако преговорите се привремено запрени, двете страни најавија дека ќе продолжат веќе во среда, кога фокусот ќе се пренесе на прашања од областа на социјалната политика. Постои надеж дека до крајот на неделата би можело да се постигне согласност, под услов судирите околу поделбата на министерствата да не се заострат. Австриските медиуми, вклучувајќи ги „Кронен цајтунг“ и „Дер стандард“, го следеа овој развој на настаните со голем интерес, истакнувајќи дека овие преговори се клучни за формирање на стабилна влада во Австрија. Иако ФПО и ОВП традиционално беа „сојузници“, сегашните тензии покажуваат дека патот кон договор е полн со пречки.