Со голема загриженост ја следиме ситуацијата во Косово и сме во постојана комуникација и координација со нашите сојузници и стратешки партнери. Настаните кои се случија денес силно ги осудувам, и изразувам целосна поддршка на КФОР за сите идни активности кои се во насока на гарантирање на мирот и стабилноста во Косово и регионот, напиша вечерва на Фејсбук премиерот Димитар Ковачевски, по повод денешните настани на северот од Косово.
Во однос на безбедносната состојба во државата, Ковачевски вели дека граѓаните може да се спокојни затоа што состојбата е стабилна, без никакви индикации за можни нарушувања.
Сите институции задолжени за безбедноста будно ја следат состојбата. Воедно согласно информациите споделени помеѓу безбедносно разузнавачките служби во земјата како и информациите добиени од службите на нашите сојузници во НАТО алијансата, не постојат индиции кои укажуваат на нарушување на безбедноста во Северна Македонија. Апелирам за деескалација на настаните во Косово и на продолжување на дијалогот и решавање на сите отворени на мирен и демократски начин. Клучно е забрзувањето на евроатлантските интеграции на Западен Балкан, тоа е единствениот начин за обезбедување напредок и стабилност во регионот, како и намалување на влијанието на дестабилизирачки трети страни. Регионот мора да оди напред, граѓаните заслужуваат просперитет, подобра иднина и подобар животен стандард, нагласува премиерот.