На вечерашниот митинг одржан во Струмица, претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, изјави дека нема да се откажат од нивната цел за Македонија во ЕУ, исто како што Илинденците и Асномците во минатото не се откажале од создавањето на независна и самостојна држава.
„СДСМ заедно со претседателот Киро Глигоров ја внесе Македонија во Обединетите нации. Македонија во 2005 година го доби кандидатскиот статус за Европската Унија. И во тоа време претседател на Владата беше и претседател на СДСМ. Заедно со вас граѓаните во 2017 година успеавме да го срушиме режимот на Груевски, режим кој во континуитет ја блокираше Македонија и кон својата прогресивна иднина, но и во спроведување на своите демократски процеси. Владата предводена од СДСМ е заслужна што Македонија стана рамноправна членка на НАТО, а ефектите од тоа ги чувствуваме денес, колкаво значење има членството во НАТО во ова време. СДСМ заедно со вас, граѓаните, ќе ја внесе земјата и во Европската Унија. И од тоа не се откажуваме“, рече Ковачевски.
Ковачевски истакна и дека се свесни за казната што ја добиле во првиот круг од претседателските избори и дека го разбира револтот кои го имаат дел од граѓаните во однос на дел од политиките, одлуките и кадровските решенија изминатите неколку години.
“Но, грешките ги прифативме, лекцијата ја научивме и ја извлековме поуката од критиките. Затоа во иднина, пристапот ќе биде многу повнимателен. Ќе се соочиме со проблемите и со посветена и искрена работа, ќе работиме на решавање на тоа што граѓаните ги прави незадоволни. СДСМ секогаш е рамо до рамо со граѓаните и во мирни услови и во тешки времиња, во добро и во лошо, никогаш не сме се откажале од Македонија во која владеат социјалдемократските принципи на еднаквост, солидарност и инклузивност“, порача Ковачевски на присутните граѓани на митингот во Струмица.