Еден наркоман и коцкар ми го уби детето! Беше пријавуван за насилство и порано, ја тепаше, ја малтретираше, ја пречекуваше пред суд, за да ја заплаши и да се откаже од тужба против него. Секогаш на почеток на месецот, кога Емилија ќе добиеше пари, сите до денар и ги земаше, со растреперен глас денес раскажа Џемиле, мајка на Емилија Пешева (29), која лани на први ноември ја уби Фадил Зејнелов, со кого била во врска. Настанот се случи во Штип, а денес во Основниот суд во Штип започна судењето против убиецот на Емилија, која зад себе остави едно малолетно дете.
Излегла од дома, и повеќе не се вратила. Зејнелов првин започнал да ја тепа во напуштен објект на Јавното претпријатие Исар, а потоа ја задавил. Сам се пријавил во штипската полициска станица. Вујкото на Емилија, Есад Сала, за „Фокус“ изјави дека убиецот во минатото бил пријавуван за насилство пред институциите, но бидејќи жртвата го повлекувала предлогот – постапките запирале и насилникот останал неказнет. Случајот ги актуелизираше прашањата околу потреба за измени во Кривичниот законик, кога е во прашање кривичното дело ,,телесна повреда”. Кога се случи убиството, реагираа и од Левица, од каде побараа стореното кривично дело „телесна повреда“, да нема да може да биде амнестирано под притисок на насилникот, односно гонењето да биде целосно препуштено на надлежните органи и да се гони по службена должност, а сторителот да биде со сигурност казнет. – Детето на Емилија е оставено да расте без мајка, а целото семејство засекогаш ќе го носи товарот од трагедијата. Бараме убиецот никогаш да не излезе од затвор, истакна Есад, вујкото на убиената млада жена.