Се уште се чека да биде завршена кичевската болница која почна да се гради пред 40 години, како и реконструкцијата на штипската болница. Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека не ги заборавил, притоа посочувајќи дека Владата е во преговори со една европска земја која ќе ја преземе изградбата на двете болници. „Воопшто не е заборавено, во процес сме, се однесува на општата болница во Штип, на медицинскиот факултет во Скопје, на болницата во Кичево и на зградата во болницата во Тетово, преговорите се во процес, ги правиме како влада, но пакетот договор не е само за здравството, туку и за други области. Верувам дека Владата наскоро ќе потпише стратешки договор со важна европска земја за унапредување на овие проекти“, вели Арбен Таравари.
Во август 2024 година, кога го посети Кичево по преземањето на функцијата министер, Таравари вети дека работите на градската болница ќе продолжат во март или април 2025 година „Имаше незаинтересираност од минатите влади, сега велам кога нешто е приоритет, посветуваме повеќе внимание, па ќе видиме во март, април следната година кога ќе почнат работите овде во Кичево“, вели Арбен Таравари. Во изјавата што ја даде во ноември 2024 година, тој рече дека 2027 година ќе биде година кога двете горенаведени болници ќе бидат ставени во функција. Од анкетите што претходно ги направивме со кичевци, тие се скептични за завршувањето на болницата. Инаку, Арбен Таравари е 18-тиот министер задолжен за здравство кој ветува изградба на кичевската болница.