Американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс ги обвини европските лидери дека го цензурираат слободниот говор и немаат контрола врз мигрантите, што доведе до остро несогласување од страна на германскиот министер за одбрана. Обвинувањата на Ванс фрлија темна сенка на дискусиите за војната во Украина на минхенската безбедносна конференција. Ванс во својот говор едвај ги спомена Русија или Украина на собирот. Наместо тоа рече дека најголемата закана за Европа што го загрижува најмногу, не била Русија или Кина, туку тоа што го нарече „отстапување од фундаменталните вредности за заштита на слободата на говор“ како и „имиграцијата“ за која истакна дека според него е „надвод од контрола во Европа“.
Министерот за одбрана на Германија Борис Писториус возврати во неговиот говор на конференцијата подоцна, нарекувајќи ги забелешките на Ванс – неприфатливи. Според него, Ванс ја довел под знак прашање демократијата не само во Германија, туку и во цела Европа. Клинчот ги откри спротиставените погледи на новата администрација на Трамп и европските лидери, правејќи долгогодишните партнери Европа и САД тешко да може да најдат заеднички јазик за прашањето за Украина. Многу делегати на конференцијата го гледаа говорот на Ванс во мртва тишина и вџашено, а аплаузот беше скуден.
После неговиот говор, Ванс се сретна со Алис Веидел, лидерот на крајно десничарската „Алтернатива за Германија“, потег што ќе донесе критики и непосакувано мешање пред германските федерални избори што ќе се одржат следната недела. Телефонскиот повик меѓу Трамп и Путин, ги алармираше европските влади, кои се трудеа да го изолираат рускиот претседател откако Моксва во 2022 изврши воена инвазија врз Украина. Европските лидери се плашат дека може да бидат изоставени од мировните договори што ќе се одрази на безбедноста на нивните држави. Ванс кој се сретна со претседателот на Украина Володимир Зеленски во Минхен во петокот, за „Вол Стрит Џрнал“ изјави дека Трамп може да користи неколку алатки – економски и воени, за да се договори со Путин.