Големи маркети, фабрики, компании, производители, за да работат и функционираат, по правило треба да ја користат струјата од отворениот пазар, каде цените се берзански и се многу повисоки од оние на регулираниот пазар од каде се снабдуваат домаќинствата и малите потрошувачи – оние кои имаат помалку од 50 вработени и годишен приход од два милиони евра. За овој пазар државата ги покрива потребите од електрична енергија. Цените на отворениот пазар пред кризата се движеа под 100-тина евра за мегават час, но со почетрокот на проблемите во енергетиката, просечните месечни цени достигнуваа и до вртоглави 500 евра за мегават час. На регулиран пазар, пак, цената е фиксна. Во првите месеци од годинава изнесуваше нешто над 130 евра за мегават час, а во втората половина од годинава во висока тарифа беше околу 220 евра за мегават час, додека во ниска тарифа околу 160 евра.
Според извештаите, цените на берзите на отворен пазар, речиси, во сите месеци биле повисоки од оние на регулиран пазар. Токму оваа голема разлика во цените ја искористиле некои од познатите големи компании. Со свои методи го надмудриле правилникот и дошле до поевтина струја од регулираниот пазар. На долгата листата до која дојде КОД може да се види дека големи познати компании користеле постоечки фирми кои спаѓале во групата мали потрошувачи или, пак, изминатиот период формирале нови фирми кои, исто така, влегувале во оваа категорија и преку нив ги скусиле трошоците за електрична енергија. Познатата лабораторија „Биотек“, ланецот за бела техника СЕТЕК, ланецот маркети „Зендолино“, Катлановска бања, се само мал дел од оние кои ги користеле овие медоти.
Тоа може да се види и од извештаите кои КОД за нив ги побара од Централниот регистар. Доколку се следат документите, може да се види дека „СЕТЕК СЕ ОД ТЕХНИКА ДОО“ на крајот на 2021 година, кога веќе цените на берзите почнаа да растат, формирале микро фирма со назив „СЕТЕК СЕ ОД НЕДВИЖНОСТИ ДОО СКОПЈЕ“, во која како основачи се јавуваат исти лица од мајките фирми. Оваа фирма влегува во категоријата мал потрошувач. На нејзе се префрла броилото и така големите СЕТЕК успеваат да влезат на регулираниот пазар и да добијат поевтина струја. И штипските маркети ЗЕНДОЛИНО КОМЕРЦ ДОО на почетокот на годинава влегле во шемата. Отвориле микро фирма ЗЕНДОЛИНО МАРКЕТИ ДООЕЛ – извоз – увоз Штип, која, исто така, влегува во категоријата мал потрошувач на струја, на која се префрла броилото и на тој начин дошле до евтината електрична енергија. Свои маркети имаат во повеќе градови – Свети Николе, Кочани, Струмица, Пробиштип и на култната улица во Скопје, „Димче Мирчев“ кај МВР.
Состојбата е слична и кај познатата лабораторија БИОТЕК. Преку својата мала фирма Ахема Солушнс ДОО Скопје, основана на средината на 2019 година, која е мал потрошувач на струја, префрлиле дел од броилата, а дел на друга фирма. Дел од сопствениците се лицата кои се јавуваат како сопственции во големата компанија. На овој начин Биотек ги избегнува високите цени од отворен пазар. Познатата скопска бања Катланово, пак, ја искористила својата постоечка мала фирма основана во 2014 година, КАТЛАНОВСКА СПА ДООЕЛ СКОПЈЕ и така ја добиле поевтината струја од регулираниот пазар. КОД испрати бaрање по електронска пошта до некои од компаниите за да ги образложат мотивите за овој процес. Ваквата скандалозна шема за која Регулаторна ги извести сите надлежни уште на почетокот на годинава, пред скоро време стана актуелна и во јавноста. Листата со фирмите на која се наоѓаат и општини, ја добија и финансиската полиција и од пред некое време и УЈП. Финансиската истражи дел од фирмите, на потег е обвинителството кое веќе го добиле извештајот од финансова. Списокот на фирмите шемаџии е долг, а КОД ќе продолжи да истражува уште колку од нив смислиле итар план за поевтина струја.