Шест дена откако угинале животните, од Зоолошката градина објавија Фејсбук пост во кој велат оти се сомневаат дека станува збор за труење од гранки од растението тиса (taxus baccata). Седум берберски овци пред шест дена угинале во Зоолошката градина во Скопје. За настанот, Зоолошката градина извести дури денеска на нивниот профил на Фејсбук, а попладнево со соопштение излезе и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). И ЗОО Скопје и АХВ денеска се чини дека имаат координирани изјави во врска со случајот, со таа разлика што од Зоолошката градина шпекулираат околу причината за смртта. Тие велат оти се сомневаат дека станува збор за труење од гранки од растението тиса (taxus baccata) кое, според нив, можело да биде отровно за животните. Од Агенцијата за храна и ветеринарство потврдија дека на 11 февруари извршиле вонреден инспекциски надзор во ЗОО Скопје и утврдиле дека се угинати 7 берберски овци. При контролата присутна била и екипа од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје кои го земале труповите на угинатите животни на обдукција и утврдување на причината за угинување. Од АХВ велат оти Факултетот за ветеринарна медицина сè уште не доставил официјален резултат од извршената обдукција на угинатите животни.
„При контролата присутна била и екипа од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје кои, труповите на угинатите животни ги подигнале и однеле на Факултетот за дополнително истражување и обдукција и утврдување на причината за угинување. Официјалниот ветеринар од одговорните лица на ЗОО известен бил дека животните претходно не покажувале знаци на болест и истите не биле третирани“, наведено е во одговорот од АХВ. Изминативе години многу животни угинаа во Зоолошката градина. Во 2023 градината остана без ниту една од трите жирафи чие живеалиште со години беше оваа установа. Жирафата Каспер угина во мај, но од скопската ЗОО никогаш не соопштија од кои причини настапила смртта. Истата година, три коњи беа отруени со брзоделувачки отров. Извор: Новинска агенција МЕТА