Австрискиот Заубермахер, кој управува со комуналниот отпад од градот Тетово, неодамна ја одбележа првата годишнина од работењето, а во првата година од собирање смет наплати повеќе од 2,6 милиони евра.
Податоците од Централен регистар покажуваат дека приходот на „првото приватно комунално претпријатие во земјата“ за 2024 има приход од 161 милиони денари и загуба од околу 17 милиони денари.
„Саубермахер Тетово Доо“ е првото претпријатие кое заработува од собирање на градскиот смет во градот под Шара и тоа го наплаќа, откако пред нешто повеќе од една година беше посебно одвоена неговата дејност од ЈКП Тетово.
Просечниот бројот на работници со кои Заубермахер работел минатата година е 104, чие преземање од јавното комунално претпријатие беше договорено со градските власти.
Експертите кои ги контактираше „Фактор“ искоментираа дека финансиски тоа е добар резултат за првата година од работењето на операторот, но дека од тоа ќар може да имаат само австријците, додека уделот на градот во компанијата е само 10 отсто во ситуација кога тој дава добар дел од ресурсите.
„Треба и да се каже дека комуналниот отпад се собира исклучиво само од градот, додека во руралните средини и натаму проблемите се нерешливи. Дискутабилни се и односите со општината. Друштвото треба да функционира како јавно-приватно партнерство, но само на хартија, бидејќи овдека приватниот оператор се однесува како да поседува концесија“, велат анонимно екологистите.
Позитивно, според нив, е што соработката на Заубермахер со „Русино/Полог“ ја прави регионалната депонија да биде прва од таков тип што работи позитивно. Заедничкото јавно претпријатие од гостиварска Сушица има раст на приходите од 30 отсто и работи без загуба во 2024.
На барање на општина Тетово, Заубермахер ја врши наплатата и на услугите што ги даваат јавните претпријатија ЈКП „Шари“ (јавно претпријатие за водоснабдување и одведување на отпадни води) и ЈКП „Тетово“ (јавно претпријатие за одржување на јавната чистота). Договорите се реализираат на тој начин што „Заубермахер“ го врши издавањето на заедничката фактура за сите комунални услуги во општина Тетово, но без одговорност.,