Ревизорите за првпат влегле во Државниот завод за техничка инспекција да проверат како работи и имале што да видат – во предметите за прво пуштање во употреба на опрема, недостасуваат документи! Државниот инспекторат за техничка инспекција е орган во рамките на Министерството за економија и работа му е да ја контролира примената на законите при користење на техничка опрема меѓу која лифтови, жичари, дигалки, транспортери, производи и постројки наменети за работа во експлозивна атмосфера, електроенергетски постројки, електрични производи и уреди и експлоатација на минерални суровини, опрема под притисок и пренослива опрема под притисок. Според ревизорскиот извештај, ревизорите избрале примерок од 32 предмети со доставени барања и уплати од фирми за прво пуштање во употреба на опрема или известување за техничка опрема. Арно ама, од нив 21 имале поткрепувачки документи а 11 предмети на ревизорите воопшто не им ги ни презентирале од државниот орган. И од тие 21 предмет во кои ревизорите добиле увид – поголем дел не биле како што треба, зашто во нив ги немало сите потребни документи!
-Од 21 предмет, 7 предмети за кои се издадени решенија се нецелосни односно недостасува документација која корисниците на техничката опрема треба да ја достават до Државниот инспекторат за техничка инспекција, што не е во согласност со член 30 и 33 од Законот за техничка инспекција и член 40 и 43
од Правилникот за користење на рударска техничка опрема и член 10 од Правилникот за користење на лифтови и транспортери. Горенаведените состојби создаваат можност да се издадат решенија за прво ставање во употреба и периодични испитувања на техничката опрема без комплетна документација и истите влијаат на потврдувањето на целосноста на приходите кои ги остварува Државниот инспекторат за техничка инспекција по овој основ, констатира ревизорот. Со извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност за 2023 година, ревизорот утврди дека предметите врз основа на кои се издаваат решенија за прво пуштање во употреба на опрема или техничка опрема по кој основ се остваруваат приходи, не се уредно одложени, не се комлетни и во дел од предметите недостасува поткрепувачка документација како основ за издавање на решенијата.
Утврдивме слабости во начинот на воспоставените внатрешни контроли и не донесена пишана процедура со кои ќе се пропише процесот за начинот на комплетирање на поднесените барања со потребната документација при прво ставање во употреба или периодични испитувања на техничката опрема (рударска, лифтови и транспортери), се наведува во ревизорскиот извештај. Препораката е одговорното лице да преземе мерки и активности за целосно и уредно комплетирање на предметите со целокупната поткрепувачка документација врз основа на законските и подзаконските акти, согласно основот по кој се остваруваат приходите за кои се издадени решенија. Од јуни 2024 година, во рок од шест месеци, Државниот инспекторат за техничка инспекција продолжува да работи како Државен инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини како орган во состав на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, а вработените кои ги вршат работите што се однесуваат на лифтови, жичари, дигалки и транспортери се преземаат во Државниот пазарен инспекторат.