Колумбиската полиција откри голема „наркоподморница“ и два подземни магацина во кои имало шест тони кокаин, јави „Си-би-ес њуз“. Надлежните објавија снимки на кои се гледа како подморницата е пресретната покрај брегот на Пацификот, а повеќе од 100 пакети со дрога се гледаат наредени на брегот. Според проценките, запленетиот кокаин има улична вредност од околу 300 милиони долари. Морнарицата соопшти дека дрогата е пресретната во регионот Нарино, крајбрежен регион на Колумбија што граничи со Еквадор. Не е наведено колку луѓе се уапсени во операцијата или каде се движела подморницата полна со дрога.
Иако овие видови подморници се најчести покрај брегот на Колумбија, која произведува најмногу кокаин во светот, тие се појавуваат низ целиот свет во последните месеци. Во март, португалската полиција заплени речиси 6,5 тони кокаин од таков брод покрај оддалечените Азорски Острови. Во ноември 2024 година, мексиканската морнарица пронајде околу 8.000 фунти кокаин во подморница на околу 150 милји од Акапулко, а два месеци претходно, крајбрежната стража на САД соопшти дека запленила кокаин во вредност од 54 милиони долари од подморница, објави Си-Би-Ес.