Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) согласно надлежностите, во делот на водењето на здравствената евиденција не констатирала недостатоци, додека во делот на стручното работење на здравствените работници иницира формирање комисија за стручен надзор од страна на министерот за здравство, потврди попладнево за МИА директорот на Инспекторатот, доктор Кирил Лазов. Од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат денеска е спроведен вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ УК за државна кардиохирургија – Скопје по издадена наредба од министерот за здравство Арбен Таравари, а во врска со третманот и лекувањето на сега починатиот пациент T.A од Скопје.
„Од увидот во основната медицинска документација за пациентот, историја на болест,упати и извештаи од интегрираниот информатички систем – Мој термин, изјави од ординирачки доктор субспецијалист васкуларен хирург и доктор на дежурство специјалист кардиохирург е констатирно дека пациентот Т.А е донесен на ЈЗУ УК за државна кардиохирургија – Скопје на ден 08.04.2025 со возило на ИМП како итен случај упатен со Dg R10 -абдоминална болка по претходно спроведени иследувања во ЈЗУ ГОБ 8 Септември : ЕХО преглед на абдомен и КТ со наод за дисекција на аорта“, вели директорот на ДСЗИ.
Семејството на 57-годишниот Ангелковски, кој почина со пукната аорта и не ја дочека операцијата која би можела да му го спаси животот, бара одговори од здравствените власти. Според членовите на неговото семејство, проблем било тоа што на клиниката немало услови за изведување на операцијата. Клиниката го испратила семејството на консултации со две приватни болници коишто се единствените места каде што се извршуваат ваков тип процедури во државата, а на крајот се дал предлог и за лекување во странство. Од друга страна, министерот за здравство Арбен Таравари тврди дека на Клиниката имало сала и стент графтови, како и хирурзи.