Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) Ивица Томовски денеска ја потпиша одлуката за избор на концесионер на комплексот „Македонско село“, со што Владата најавува дека овој центар повторно ќе заживее. Од Владата велат дека концесионерот ќе се избира по пат на електронско јавно наддавање, преку системот со кој управува и оперира Министерството за финансии. Концесионерот има обврска да ги преземе сите потребни активности за оспособување на комплексот за почеток со работа од 1 јуни годинава. „После години на затворање и уништување на сè што претставува културно наследство, идентитет и историја – конечно започнуваме ново поглавје“, соопштија од Службата за општи и заеднички работи.
„Македонско село“ не функционира речиси седум години, откако претходните концесионери се повлекоа поради финансиски загуби. Од СОЗР додаваат дека редовно ги исплаќале трошоците за осигурување и обезбедување, со што велат дека имало финансиски загуби од над 300.000 евра. „Со изборот на концесионер, правиме сериозен чекор кон враќање на животот во еден уникатен простор кој ќе биде отворен за сите граѓани, туристи и љубители на традицијата“, велат од СОЗР. Комплексот „Македонско село“ се наоѓа на падините на Водно, блиску до селото Нерези. Се состои од 12 автентични куќи со простории каде се претставени македонските занаети, делови се користат како хотелски соби, а некои имаат и ресторански дел. Извор: Новинска агенција МЕТА