ЈП Комунална хигиена-Скопје ги демантира написите пласирани во одредени
медиуми каде што се наведени целосно невистинити информации поврзани со
активностите на Претпријатието во скопската општина Чаир.
Би сакале да напоменеме дека на територијата на општината Чаир, ЈП
Комунална хигиена Скопје секојдневно го собира и транспортира
комуналниот отпад без никаков застој, согласно динамиката утврдена со
Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад
од подрачјето на градот Скопје. За жал, во последниов период е
забележана зачестена појава на непрописно одлагање кабаст и мешан
комунален отпад во непосредната околина на контејнерите поставени во
оваа скопска општина, најчесто кога контејнерите се сосема празни и не
постои никаква пречка отпадот да се одложи во внатрешноста на садовите.
ЈП Комунална хигиена Скопје во текот на изминатата година подигна 22
194 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на градот Скопје,
од коишто најголемиот дел беше отстранет токму во општината Чаир.
Еко-патролата на Претпријатието во текот на 2024 година врачи 334
записници на лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање
отпад, од коишто дури 138 во општината Чаир.
Се прашуваме колку казни за прекршителите на Законот за јавна чистота
врачиле комуналните инспектори при општината Чаир?
За крај, би сакале да ја информираме јавноста дека на 18 април 2025
година, на улицата Џон Кенеди, во непосредна близина на ООУ „Васил
Главинов“ целосно беа опожарени десет пластични контејнери со зафатнина
од 1,1 кубни метри. Случајот е пријавен кај најдлежните органи и
сторителите не се пронајдени, додека ЈП Комунална хигиена Скопје сите
опожарени контејнери ги замени со сосема нови садови, со цел да не
дојде до нарушување на динамиката на одлагање и собирање комунален
отпад во општината Чаир.