Изјавата на Мицкоски за наводно тероризирање на македонскиот идентитет и народ во изминативе седум години претставува спин т.е. извртување на вистината, бидејќи токму во тој период, со постигнување на Преспанскиот договор, е потврден македонскиот идентитет, посебност и јазик на меѓународен план, пишува Вистиномер. Изјавата на Мицкоски за наводно тероризирање на македонскиот идентитет и народ во изминативе седум години претставува спин т.е. извртување на вистината, бидејќи токму во тој период, со постигнување на Преспанскиот договор, е потврден македонскиот идентитет, посебност и јазик на меѓународен план. На домашен план, пак, е донесен Закон со кој македонскиот јазик се заштитува, промовира и збогатува, па оттаму нема потреба од враќање на достоинството кое сме го имале во минатото, бидејќи тоа достоинство не било ниту изгубено, пишува Вистномер во последниот Контраспин кој го пренесуваме во целост.
На одбележувањето на првата годишнина (23.04.2025) од формирањето на „Беломорски клуб и читална“ – кој обединува Македонци по потекло од Егејскиот дел на Македонија – и 80 години од формирањето на НОФ за Егејскиот дел на Македонија присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министри, градоначалници и други високи претставници од Владата и институциите. Мицкоски во неговото обраќање истакна дека „сѐ уште не е затворено македонското прашање“, и продолжи со спинување на вистината. Спин: И во 21 век се обединивме и го поразивме тоа што седум години го тероризираше македонскиот идентитет и народ. Денес е длабоко во опозиција. Ние ќе се бориме да го повратиме достоинството кое го имавме во минатото. [Извор: МКД Мицкоски на првата годишнина од Беломорскиот клуб читална: Македонското прашање останува отворено – Датум: 24.04.2025]
Контраспин: Премиерот Мицкоски како почесен гостин и добитник на благодарница од „Беломорски клуб и читална“, како признание за поддршката што Владата им ја дава на Македонците од Егејска Македонија, на одбележување на неговата прва годишнина спинуваше со јасната алузија на претходната власт предводена од СДСМ, која седум години „го тероризираше македонскиот идентитет и народ“, па затоа ќе го се бореле да го повратат „достоинството кое сме го имале во минатото“. Секако дека е јасна и алузијата на временскиот период откако е постигнат Преспанскиот договор (2018 година), кој за Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ како опозиција беше апсолутно неприфатлив, дека претставува капитулација и пораз за Македонија, и треба да се укине ако се обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието, а потоа стана „реалност што не може да се игнорира“. Мицкоски дури предлагаше Преспанскиот договор да биде модел за изнаоѓање на конечно, трајно и одржливо решение во актуелниот спор со Бугарија, од што зависи идната динамика на евроинтегративниот процес на С. Македонија.
Што е „тоа што седум години го тероризираше македонскиот идентитет и народ“? Во Преспанскиот договор, кој стави крај на деценискиот спор меѓу С. Македонија и Грција, нема ниту една одредба со која се загрозуваат македонскиот идентитет и македонската посебност, а најмалку, пак, се укинуваат термините „Македонија“ и „македонски“, па нема никаква потреба од некакво враќање на достоинството од минатото бидејќи тоа достоинство воопшто не исчезнало во изминативе седум години. Со членот 7 (став 3) од Договорот се гарантира македонскиот идентитет и правото да се определуваме како Македонци. Во однос на Втората страна, овие термини („Македонија“ и „македонски“ , н.з.) ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство, кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став (2). Согласно Договорот од Преспа термините: Македонец, македонска, македонски, се трајно заштитени и никој повеќе нема да може да ги негира или оспорува, анализираше „Вистиномер“ пред 5 години. Поранешниот медијатор за спорот со името Метју Нимиц во интервју за домашен медиум минатата година истакна дека посебноста на македонскиот јазик е светски призната и потврдена во Обединетите нации. Посочувајќи дека идентитетот не може да биде предмет на преговори, Нимиц во таа прилика рече:
Преспанскиот договор се осврнува на јазикот, не го користи зборот идентитет бидејќи тоа не е правен збор. Македонскиот јазик е прифатен одамна и ширум светот луѓето знаат дека македонски јазик постои. Спорот со Грција не беше воопшто за јазикот, туку за името на јазикот. Со други зборови, грчката страна немаше проблем што имате убав јазик, посебен јазик. Но нивниот проблем беше дека ако се вика македонски јазик дека би можело да даде впечаток дека има поврзаност со античките Македонци. Спорот со Бугарија е поинаков, во однос на потеклото на јазиците…, смета Нимиц. Со Преспанскиот договор македонскиот јазик е признаен од Република Грција, што овозможи формирање на Центар за македонски јазик во Лерин при крајот на 2022 година. Неговата функција е промоција и заштити на македонскиот јазик во Грција, и шеесетина граѓани започнале да го изучуваат. Основачите на овој центар објавија дека нивната регистрација, одобрена од грчките судови, е почеток на кампањата за целосно признавање на македонскиот јазик во Грција, нешто кое пред Договорот од Преспа беше невозможно, пишуваше порталот „Рацин“ пред две години.
Меѓу придобивките од Преспанскиот договор, освен членството во НАТО и придвижувањето на процесот за членство во ЕУ, како и унапредување на економските односи, е и своевидната катарзична димензија за која во репортажата на порталот „Рацин“ направена во Грција по повод петгодишнината од потпишувањето на Договорот говори професорката Александра Јоаниду, која на Универзитетот во Солун предава на Факултетот за балкански, славистички и ориентални студии. Договорот од Преспа ни донесе слобода. Нè ослободи… Ако не бевме внимателни, бевме подложени на прогони во нашата професија, во јавните настапи. Бевме напаѓани од медиумите, не смеевме гласно да зборуваме дека постои друг македонски идентитет освен локалниот македонски идентитет на грчките Македонци. Бевме стигматизирани како национални предавници. Со договорот од Преспа, сето тоа запре, заврши, вели професорката Александра Јоаниду. Манипулациите околу македонскиот идентитет и јазик Наспроти денешните тврдења на премиерот Мицкоски за некаков „терор врз македонскиот идентитет и народ“ изминативе 7 години, „Вистиномер“ пред 3 години пишуваше за големиот број критики, но и многу манипулативни тврдења и невистини околу Преспанскиот договор и „продажбата на нашиот идентитет и нашиот јазик“. Во Преспанскиот договор не постои одредба со која се загрозува македонскиот идентитет, македонската посебност и јазик. Официјален јазик на нашата држава е „македонски јазик“ кој е преведлив на сите јазици (на пример, на англиски јазик „Macedonian language“), без никаква фуснота за дообјаснување, анализира „Вистиномер“.
Македонскиот јазик и народ не само што не биле тероризирани изминативе седум години, туку на почетокот на 2024 година беше донесен и Закон за употреба на македонскиот јазик. Со овој Закон се уредува употребата на македонскиот јазик како службен јазик на територија на Македонија, се утврдува потребата од заштита, промовирање и збогатување на македонскиот јазик, а воедно со Законот се предвидени и одредби за лекторирање кои пропишуваат дека службените текстови од законодавната, извршната и судската власт, локалната самоуправа, учебниците, емисиите, печатот, преводите и други текстови што се објавуваат во согласност со законските одредби, задолжително се лекторираат на македонски јазик. Изјавата на Мицкоски за наводно тероризирање на македонскиот идентитет и народ во изминативе седум години претставува спин т.е. извртување на вистината, бидејќи токму во тој период, со постигнување на Преспанскиот договор, е потврден македонскиот идентитет, посебност и јазик на меѓународен план. На домашен план, пак, е донесен Закон со кој македонскиот јазик се заштитува, промовира и збогатува, па оттаму нема потреба од враќање на достоинството кое сме го имале во минатото, бидејќи тоа достоинство не било ниту изгубено. Пишува: Стојан Синадинов Извор: Новинска агенција МЕТА