Кај 15 оператори утврдени се незадоволителни хигиенски и технички услови во објектот, кај 12 најдена е храна со поминат рок на употреба, а кај 5 храна без следливост, со оштетена амбалажа, недекларирана, утврдиле инспекторите. Инспекторите аз храна од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изрекле 29 парични казни во вкупна вредност од 82 илјади евра, при контролите што ги правеле во деликатес одделите и месарниците, како и во месарниците кои изработуваат свежи подготовки од месо, а се наоѓаат во супермаркети, дисконти и хипер маркети. За два дена, биле спроведени 124 вонредни контроли кај големите маркети кои имаат ланци на супермаркети, дисконти и хипер маркети. Целта на контролите била да се провери дали операторите се регистрирани во АХВ, дали и колку се исполнети општите и посебните хигиенски услови за храна, со акцент на спроведување на контроли во деликатес одделите и месарниците, како и во месарниците кои изработуваат свежи подготовки од месо.
„Се контролираше и исполнетоста на процедурите за чистење и дезинфекција на опремата, приборот за работа и спречување на вкрстена контаминација, снабдувањето со безбедна вода, поседувањето на санитарни книшки и сертификати за стручна подготовка на вработените лица кај операторите, чувањето и складирањето на храната, нејзиното потекло, следливоста (проверка на комерцијалните документи), како и почитувањето на температурниот режим за храната од нејзиниот прием до ладилник“, наведено е во соопштението на АХВ.
Контролирано било и водењето записи за НАССР и добра производствена и добра хигиенска пракса, означувањето на храната, плановите за сопствено мострирање на операторите, спроведувањето на операциите за пакување/препакување, дезинфекција, контрола на штетници, а со вонредните контроли опфатени биле и магацините на операторите. „Кај 15 оператори утврдени се незадоволителни хигиенски и технички услови во објектот, кај 12 најдена е храна со поминат рок на употреба, а кај 5 храна без следливост, со оштетена амбалажа, недекларирана. Тројца од контролираните оператори не извршиле задолжителни здравствени прегледи за вработените, 10 не воделе записи за HACCP, добра хигиенска и добра производствена пракса. Кај 4 оператори најдени се несоодветно означени производи, а еден објект не бил регистриран. Нештетно се уништени 22,3 тони небезбедна храна, од кои најголем дел месо“, информира АХВ. Извор: Новинска агенција МЕТА