Ваквиот начин на постапување отвара прашања во врска со користењето на државните ресурси за политичка промоција, практика што е спротивна на принципите на добро владеење и одвојување на државата од политичките партии. Вице-премиерот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, во последните денови постапуваше спротивно на она што го претставува, имено, практиките на добро владеење. Преку својот слубен е-маил, наместо да информира за случувањата во институцијата што ја води, тој издаде неколку соопштенија поврзани со партиските активности на Алијансата за Албанците од која беше разрешен. Меѓутоа, тој сè уште ги извршува истите функции дури и по неговото разрешување, испраќајќи информативни соопштенија за партијата, пишува Порталб.мк. Ваквиот начин на постапување отвара прашања во врска со користењето на државните ресурси за политичка промоција, практика што е спротивна на принципите на добро владеење и одвојување на државата од политичките партии.
Употребата на службениот е-маил за комуникации кои се од партиска, а не од институционална природа, може да претставува кршење на етиката на јавната администрација и законските норми за одвојување на државните функции од политичките активности. Во продолжение ќе можете да видите неколку партиски соопштенија испратени од службениот е-маил на Фетаи – press.cabinetarbenfetai@gs.gov.mk:
- Ве покануваме да учествувате на прес конференцијата на Координативниот совет на Алијансата за Албанците, со која ќе претседава претседателот на Собранието на Алијансата за Албанците, а воедно и вицепремиер, Арбен Фетаи.
- Вицепремиерот Арбен Фетаи ја потврдува поддршката од младинските структури на Алијансата за Албанците.
- Изјава од Арбен Фетаи за одлуката на пратеничката Мимоза Муса.
- Порака до активистите и поддржувачите на Алијансата за Албанците од вицепремиерот Арбен Фетаи.
Фетаи, иако е разрешен од оваа позиција, сеуште се нарекува себеси претседател на Собранието, што во една или друга форма алудира на трета Алијанса за Албанците. Нашиот уреднички тим испрати прашања до кабинетот на вицепремиерот Фетаи, и побара објаснување: Врз основа на што се користи службениот е-маил за испраќање на партиски соопштенија? Но, до објавување на овој напис не добивме никаков одговор од неговиот кабинет. Исто така, упативме прашања и до Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), за да ни објаснат дали овие постапки може да претставуваат прекршок и дали ќе се преземат какви било мерки, но ниту од оваа институција сè уште не сме добиле одговор. Според стандардите за добро владеење јавната администрација треба да биде политички неутрална, а користењето на јавните средства (како е-маил, канцеларии или државни ресурси) за партиски цели претставува злоупотреба на службената јавна позиција. Етичките кодекси јасно забрануваат мешање на државните функции со политичката промоција. Во Република Северна Македонија имало слични случаи и со други поранешни функционери.
Поранешниот вицепремиер и министер Артан Груби ги користеше канцелариите на министерството за одржување партиски активности, вклучително и организирање на разни партиски состаноци на лидерот на партијата Али Ахмети во просториите на министерството. Поранешната вицепремиерка Славица Грковска го опомени да не ја злоупотребува службената положба на министерството за политички цели и партиски активности. Кабинетот на поранешната вицепремиерка задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, за кршење на етичкиот кодекс претходно го опомени и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, за кого утврди дека го користел службеното возило на министерството за партиски и изборни активности, а Антикорупциската комисија утврди дека Министерството за надворешни работи нема ни извештај или соодветна евиденција за употребата на нафтата во службените возила. Поранешната вицепремиерка Славица Грковска изјави дека етичкиот и моралниот кодекс за функционерите во земјата не игра важна улога. Таа нагласи дека на некои функционери полесно им е да ги платат казните, отколку да ги почитуваат етичките и моралните вредности во државата и општеството. Извор: Новинска агенција МЕТА