Корупцијата сè уште е најголем проблем во државата, но земјата сè уште нема консензус каква економија сака, порача извршната директорка Никица Мојсоска Блажески во воведното обраќање на Самитот Македонија 2025 што се одржува во Скопје. Таа нагласи дека визијата на самитот за домашната економија е нулта толеранција на корупцијата, пет отсто економски раст годишно, пристап до ЕУ и ефикасна јавна администрација.
Бизнисмените и натаму се перцепираат како профитери, а не како креатори на работни места. „Има прогрес во Македонија, но другите растат побрзо од нас. Сакаме пазарна економија, а бараме државен интервенционизам, работниците бараат повисоки плати, но не зборуваат за подобрување на нивните вештини. Лесно е да се обвинуваат соседите, Владата, но сите придинесуваме за тоа колку ќе просперира државата. Оваа Влада почна болни реформи, верувам дека гледа малку подалеку од изборниот циклус“, истакна Мојсоска Блажески.

На Самитот Македонија 2025 присуствуваат преку 500 гости – економски експерти, директори на тинк-тенкови, поранешни и сегашни премиери и министри од земјава и од странство, како и експерти од научната заедница од повеќе држави.

Во фокусот се забрзување на економскиот раст, дигитализација, вештачка интелигенција, иновации за економија подготвена за иднината, усогласување на економскиот потенцијал на Македонија со паметни инвестиции и улогата на дијаспората во националниот раст. Учесниците ќе дискутираат и за децентрализација на моќта – иднината на парите, медиумите и дигиталната слобода, за редефинирање стратегии, за странски директни инвестиции, како и за образование на иднината – обликување лидери, мислители и иноватори.
