Косовски државјанин е екстрадиран во Соединетите Американски Држави, каде што е обвинет за киберкриминал против американски државјани, соопшти Министерството за правда на САД. Лиридон Машурица, 33, од Гњилане, познат како „@blackdb“ се соочува со обвиненија за заговор за измама и злонамерна употреба на 15 или повеќе неовластени електронски инструменти. Доколку биде осуден, Машурица може да се соочи со максимална казна од 55 години затвор. Машурица беше уапсен од косовските власти на 12 декември 2024 година, а беше екстрадиран во САД на 9 мај, во согласност со договорот за екстрадиција меѓу двете земји, објави Министерството за правда на САД. Вршителот на должноста министер за правда на Косово, Аљбуљена Хаџиу, изјави дека екстрадицијата на Машурица „е конкретен доказ за непоколебливата посветеност на владеењето на правото без исклучок и без компромис“.
Истрагата за Машурица ја спроведе Федералното истражно биро на САД (ФБИ), во соработка со Дирекцијата за истраги на киберкриминал во рамките на косовската полиција, соопштија американските власти, кои рекоа дека Специјалното обвинителство на Косово и косовската полиција обезбедиле значителна помош во апсењето на осомничениот. Пред неколку недели, двајца Косовци беа екстрадирани во САД, каде што се обвинети за измама и кражба на идентитет на Американци. Станува збор за двајца млади мажи – Ардит Кутлешин (26) и Јетмир Кутлешин (28) – кои беа уапсени на 12 декември минатата година, врз основа на барање за екстрадиција од САД.