Конститутивната седница на Собранието на Косово повторно беше прекината, по 28. пат, откако пратениците не постигнаа договор за тајно гласање за избор на претседател на парламентот. Следното продолжение е закажано за 9 јуни.На седницата присуствуваа 85 пратеници, од кои 48 гласаа „за“, никој не беше „против“, ниту воздржан. Сепак, не беше прифатен предлогот на Движењето Самоопределување за тајно гласање.
Претседавачот со седницата, Авни Дехари, потсети дека Демократскиот сојуз на Косово, Демократската партија, Алијансата за иднината на Косово и Српската листа повторно не предложија членови за комисијата за тајно гласање.
Кандидатка за претседател на Собранието е Албулена Хаџиу од Самоопределување. Таа досега доби најмногу 57 гласа, а за избор ѝ се потребни најмалку 61.Конститутивната седница започна на 15 април. Според резултатите од изборите одржани на 9 февруари, ниту една партија нема мнозинство за самостојно формирање влада. Самоопределување има 48 места, ДПК – 24, ДСК – 20, Алијансата и Иницијативата НИСМА – 8, Српска листа – 9, а преостанатите 10 места припаѓаат на претставници на малцинските заедници.