Владата на Косово е подготвена да го прифати барањето на САД за прием на странски државјани.
Владата во оставка потврди дека е подготвена на соработка со САД за прифаќање и привремено преселување на државјани од трети земји во Косово, во согласност со утврдени услови. Ова го потврди денеска портпаролот на косовската Влада, Перпарим Криезиу.
„Во период од една година, до педесет лица можат привремено да се преселат, со цел да се олесни нивното безбедно враќање во нивната земја на потекло. Владата изрази подготвеност да се ангажира, со можност за избор на лица од предложената листа, под услов да исполнуваат одредени критериуми поврзани со владеењето на правото и јавниот ред“, наведе Криезиу.Американскиот Стејт департмент минатата недела соопшти дека земјите од Западен Балкан се вклучени во пошироката стратегија на САД за депортирање на странски државјани без регулиран статус. Косовската Влада на 26 мај изрази подготвеност да разговара и со Велика Британија за предлогот за воспоставување на таканаречени центри за враќање во Косово, за азиланти.